Израелската влада е десничарска и расистичка, а САД не можат да ја поддржат еврејската држава додека ги игнорира Палестинците, изјав Берни Сандерс, кој се кандидира за претседателската трка во Демократската партија, на настан во градското собрание во Лас Вегас, пренесува Си-ен-ен.
Сандерс, кој моментно е водечки во трката, беше прашан од публиката како ќе изгледаат односите САД и Израел под негова администрација.
„Да се биде за израелскиот народ и да бидеме за мир на Блискиот Исток не значи дека треба да ги поддржуваме десничарските, расистички влади кои постојат во Израел“, беше одговорот на Сандерс кој беше пречекан со аплауз.
Тој додаде дека надворешната политика на САД на Блискиот исток треба да биде приближување на Израелците и Палестинците под знамето на правдата.
„Ние имаме богатство да го сториме тоа. И не можеме едноставно да бидеме само за Израел и да ги игнорираме потребите на палестинскиот народ,“ рече тој.
Се чини дека Сандерс алудираше на неодамна промовираниот мировен план на претседателот Доналд Трамп. Тој, исто така, ја критикуваше врската на САД со Саудиска Арабија, нарекувајќи ги нејзините монарси убиствени силеџии.
„Со години ја сакавме Саудиска Арабија, нашиот прекрасен сојузник“, рече тој со потсмев. „Единствениот проблем е што луѓето што ја водат таа земја се убиствени силеџии“.
Настанот во вторникот не беше прва пригода во која Сандерс го нарече премиерот Бенјамин Нетанјаху расист. Во април 2019 година, тој рече дека Израел сега го води десничарска, расистичка влада што е угнетувачка за Палестинците. Во декември, тој повторно го нарече Нетанјаху расист на петтата демократска дебата.