Нема никаква објективна причина за да се измени или повлече Законот за слобода на вероисповед, изјави црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, додавајќи дека противењето на тој акт всушност е најновата политичка битка што ја водат противниците на црногорската држава во обид да ја вратат во темниот среден век.
– Не сум слушнал никаков правен аргумент против Законот, освен оној што Српската православна црква (СПЦ) го повторува – „народот е на улиците”. – Тоа на ниту еден начин нема да ја спречи државата да ја заврши својата работа, да усвојува и спроведува закони што се целосно во согласност со Уставот и со меѓународни норми , изјави шефот на црногорската држава, пренесе РТЦГ.
Тој повтори дека законот е долго и темелно подготвуван и дека нема објективна причина за негово изменување или повлекување и оти Владата и натаму е отворена за дијалог.
Анализирајќи ја моменталната политичка состојба, Ѓукановиќ рече дека државата Црна Гора го брани својот граѓански концепт со донесување и дополнување на Законот за слобода на вероисповед.