Судскиот процес за организаторите на насилствата од 27 април во Собранието, се одложува за 26 февруари за обвинетите да извршат увид во доказите од предметот.
Судот сите докази од предметот ќе им ги достави на ЦД.
Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста”. Јанакиески, Ристовски и Атанасовски се во куќен притвор.
Судскиот процес го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.
Адвокатот Дончо Наков, на почетокот рече дека имаат шест поднесоци во фазите на обвинителство и оцена на акт за увид во доказите.
– Тие докази обвинетите пред да се произнесат по вина треба да ги имаат. Сметам дека не се исполнети условите да се одржи денешната расправа. Бараме како што е ред тие докази да ни бидат доставени за да може расправата да продолжи, изјави Наков.
Обвинителката Вилма Рускоска, побара судот да и наложи на одбраната да достави записници од сослушување на предложените сведоци од нивна страна, за обвинителството да може да се подготви.
–Ова во насока на еднаквост на оружјата, изјави Русковска.
Одбраната реагираше дека не ги имаат сослушано предложените сведоци.
Според ОЈО, осомничените на почетокот на 2017 година подготвиле и реализирале план со намера да оневозможат мирно примопредавање на власта. За таа цел, ги организирале и материјално ги поддржале масовните протести, најпрвин пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето „За заедничка Македонија” кои кулминираа со насилното влегување во Собранието на 27 април.
– Осомничените како организатори ја вклучиле севкупната партиска структура и материјални средства за исполнување на целта и овозможиле континуирано намалување на бројот на полициски службеници за обезбедување на протестите. Со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста, критичниот ден организирале непречено влегување на народните маси во законодавниот дом, вклучиле патриотски здруженија и ангажирале лица за извршување на насилство. Воедно од седиштето на политичка партија континуирано го мобилизирале членството на партијата од Скопје и другите градови. Во исто време, еден од осомничените со возило, сопственост на Управата за безбедност и котраразузнавање, донел огнено оружје и панцирни елеци пред Собранието на Република Македонија што биле наменети за лица што протестираат и имаат искуство во ракување со оружје. Со овие активности осомничените предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв кај граѓаните, се наведува во обвинението од ОЈО.
Во истрагата беа опфатени и поранешниот премиер Никола Груевски и ексразузнавачот Никола Бошковски, но постапката за нив е запрена додека не станат достапни на органите на прогон.