На ден 20.02.2020 (петок) во 16 и 30 часот, средношколското движење „Петоци за иднината” го оддржи редовниот неделен протест со што го изрази своето незадоволство кон Министерството за заштита на животната средина во спроведување на мерки против аеро-загадувањето и климатските промени. Имајќи предвид дека аеро-загадувањето е директен причинител на зголемен број на заболувања од рак и зголемена стапка на смртност кај населението од белодробни заболувања, акцијата која ја направивме беше директно поврзана со политичката порака која сакавме да ја пратиме. Ги обоивме дланките со црвена боја која се остранува со вода и оставивме отпечатоци на надворешната страна на прозорците на Министерството, посочувајќи на изгубените животи како последица на игнорирањето на проблемот со аеро-загадување во Скопје но, и во Тетово, Битола и други градови во државата. Оставивме и порака на шеталиштето каде што граѓаните кои минуваат покрај Министерството или работат во истото, секојдневно се потсетуваат за канцерогениот воздух кој го дишат.
Одговорот на Министерството за практикување на нашите Уставно загарантирани права како што се правото на протест и слободно изразување во јавен простор беше незаконско, понижувачко и, заканувачко со цел да бидеме спречени во идни акции кон оваа институција. Имено, обезбедувањето на Министерството надвор од своите надлежности, насилно лиши од слобода четворица средношколци од јавен простор и ги затвори повеќе од еден час во простории на институцијата.
По заплашувањата за кривични и прекршочни казни, беше повикана и полиција која наместо да не’ информира за правата, се обиде да изнуди признание за сторено прекршочно дело. Откако успеавме да стапиме во контакт со Хелсиншкиот комитет за човекови права и одбивме да дадеме изјави бевме ослободени од просториите. Еден од учесниците беше малолетно лице кое што без придружба на родител/старател беше одведено во полициска станица каде што, согласно нашите сознанија биле повикани родителите.
Постапувањето е незаконско, како и спречувањето на средношколец/ка да протестира затоа што е малолетник, имајќи ја предвид и Меѓународната Конвенција за правата на детето со која што се гарантира и слободното изразување на децата за работи кои директно ги засегаат. Аеро-загадувањето е директен причинител за белодробни заболувања особено кај децата кои се во развој и кои ќе сносат долготрајни последици по здравјето во остатокот од животот. За таа цел, убедени сме дека имаме право да се спротиставиме на институции кои наместо да го бранат го загрозуваат јавниот интерес, оневозможувајќи им на идните генерации да живеат во здрава еколошка средина.
На крајот, би сакале да изразиме благодарност до Комитетот кој не заштити од понатамошна траума и, извади од просториите на Министерството за животна средина до кое порачуваме дека: „Казните се плаќаат но, совест не!”