Авиокомпаниите од азиско-пацифичкиот регион поради коронавирусот ќе загубат 27,8 милијарди долари, додека пак побарувачката за авиобилети во тој регион ќе се намали за 13 отсто, покажуваат проценките на Меѓународното здружение на авиопревозници.
Со оглед на тоа дека проценките на растот се проектирани на 4,8 проценти, вкупниот пад на профитот ќе изнесува 8,2 отсто. Загубата на приходот ќе изнесува 27,8 милијарди долари за авиокомпаниите во азиско-пацифичкиот регион, а најголема загуба ќе забележат компаниите од Кина, чии пад на профитот само на домашниот пазар се проценува на 12,8 милијарди долари.
Според податоците, компаниите кои работат надвор од тој регион ќе изгубат 1,5 милијарди долари, под претпоставка дека падот на побарувачката е ограничен само на азиските пазари.
Загубата на глобално ниво ќе изнесува 29,3 милијарди долари, што пак значително ќе ги намали проценките на глобалниот раст за оваа година.
Проценките се, како што се наведува во соопштението, слични на тие за време на епидемијата на САРС. Тогаш 6-месечниот остар пад беше проследен со еднакво брзо опоравување, а во 2003 година САРС беше одговорен за падот на приходите од 5,1 отсто на азиско-пацифичките авиокомпании. Ова се важи доколку се задржи епидемијата претежно во Кина. Ако епидемијата се прошири на азиско-пацифичкиот пазар, тогаш влијанието на авиокомпаниите од другите региони би било поголемо.