Лидерот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Иса Мустафа вели дека новата Влада, која ја формираа неговата и партијата на актуелниот премиер Албин Курти, Движењето Самоопределување (ВВ), мораат веднаш да ја укинат таксата од 100 отсто, што на увозот од Србија и Босна и Херцеговина, во ноември 2018 година, ја воведе претходната влада водена од Рамуш Харадинај, јави дописникот на МИА од Приштина.
Поранешниот премиер Мустафа тврди дека Косово мора да ги исполни барањата на неговите сојузници, пред се на Соединетите Американски Држави, но и на оние од Европската унија, за обновување и заокружување на преговорите со Србија, за што услов е укинувањето на таксата.
Според него, треба да се биде внимателен и со идејата на новата Влада за целосен реципроцитет кон Белград, на што, неофицијално, се противат сојузниците на Косово, затоа што, како што вели, „ниедна такса и ниеден реципроцитет не може да се мерат со тежината на партнерството, првенствено со САД, но и со ЕУ”.
– САД беа лидери на независноста на Косово. САД можат да бидат ефективни лидери на затворањето на проблемите кои ги имаме со Србија и на една политика на економско заживување на Косово. (…) Затоа сметам дека Косово треба да ја укине таксата, со доверба во САД и ЕУ. Косово треба да ги запознае своите партнери за сите економски, трговски и политички пречки кои во наредниот период треба да ги отстранат Србија и Босна и Херцеговина, со цел реципрочните пречки да бидат на ниво нула, напиша Мустафа на својата страница на Фејсбук.
Тој очекува од земјите на ЕУ да ја укинат, како што ја нарекува, „таксата на изолација” кон граѓаните на Косово, односно да овозможат визна либерализација.
– Треба да се почитува улогата на ЕУ во овој процес и на високиот претставник г. (Жозеп) Борел. Како што треба да се почитува и праведното очекување на граѓаните на Косово да се третираат од ЕУ како европски граѓани и да им се симнат оковите на слободно движење, со укинување на визите како резултат и на овој процес, порача Мустафа.