За шест месеци откако во Холандија на сила стапи забраната за користење мобилни телефони за време на возење велосипед, казнети се над 20.000 возачи.
Вкупниот број на возачи на сите видови возила, казнети поради користење на мобилен е десет пати поголем, односно изнесува 200.000, пишува весникот на англиски јазик „Дач ривју“.
Од јули минатата година, кога употребата на телефон за време на возењето велосипед стана кривично дело, над 21.300 велосипедисти се казнети со парични казни, објавија во заедничко соопштение министерството за правда, државното обвинителство, полиција и Централната служба за наплата на судски казни.
Возачите на моторни возила поради употребата на мобилни телефони за време на возењето, за шест месеци биле запрени повеќе од 121.000 пати, но само 80.000 се казнети парично, додека на останатите им се изречени други казни.
Вкупниот број на сите казни за сообраќајни прекршоци опадна во Холандија. Министерството за правосудство тоа го објаснува со намалувањето на бројот на луѓе кои возат без возачка дозвола, со измените кои на патиштата го отежнуваат брзото возење и силните предупредувања на камерите-радари, кои ги снимаат оние кои возат пребрзо.
Сепак, проблемот со брзото возење остана во Холандија – од 8,4 милиони парични казни за возачите минатата година, над 82 проценти биле поради пребрзо возење.