Мицкоски пред дијаспората, имате историска шанса да гласате за Македонија и оваа власт која работи против државата

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски присуствуваше на конференцијата „Македонската дијаспора – партнер во обновата на Македонија“ што се одржа денес во хотелот „Стоун Бриџ“

На конференцијата Мицкоски ја истакна важноста на македонската дијаспора како промотор на Реублика Македонија во светот, клучна алка за нашата држава која што е од исклучително значење.

-Во дијаспората живеат горди и достоинствени Македонци кои што никогаш не заборавија на своето огниште, не заборавија на корените и така ќе биде и во иднина, вели тој.

Македонија сега се наоѓа пред клучен период, посочи Мицкоски, период во кој од друга страна седат политичари кои се откажуваат од својот род.

-Денеска ние се наоѓаме пред еден таков историски предизвик кој што е многу значаен не само за Македонија, не само за македонската нација, туку и за сите граѓани во оваа држава. Зошто? Затоа што на овие избори за прв пат ќе имаме една македонска политичка партија, неколку албански и една партија која што е, не знам како да ја наречам. Бидејќи вчера лидерот на таа политичка партија јавно кажа дека се одрекува од родот свој. Јас барем така го сфаќам тоа дека изјавата на Зоран Заев гласи дека веќе СДСМ не била македонска политичка партија, туку била мултинационална со доминантно македонско гласачко тело, додаде Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ја коментираше скандалозната изјава на Зоран Заев дека СДСМ повеќе не е македонска партија. Тој упати и апел до Македонците навистина да ја исполнат желбата на Зоран Заев и својот глас да не го даваат за него.

-Еве јас денес ја поставувам оваа дилема пред вас, дали можеби треба македонското гласачко тело овој пат да му ја исполни желбата на Зоран Заев и овој пат да не биде доминантно гласачко тело кое што ќе  излезе на тие избори и ќе гласа за СДСМ. Но, тоа е до македонското гласачко тело, до Македонците не само во Македонија, туку и надвор од Македонија. И јас ја користам оваа прилика да апелирам до сите Македонци каде и да се наоѓаат, дали во овие 25 илјади километри квадратни или насекаде на светот, во Америка, Европа, Азија било каде. Ајде да му ја исполниме желбата на Зоран Заев овој пат, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски потенцираше дека после 12 април во Македонија ќе завладее институтот одговорност за се што СДСМ направи изминатиот период, за сите неправди кои и ги нанесоа на Република Македонија.

-Народот ќе ги казни и затоа сега е денот кога народот треба да зборува гласно позади гласачката кутија и да ги казни за сите неправди кои ги донесоа во овие 30-тина месеци. Ќе се изнаслушаме се во овие неколку недели до изборите, можеби ќе ветат и бесмртност за да ги задржат фотелјите. Тоа ќе го прават затоа што знаат дека се грешни. Знаат дека после 12 април и сите оние гласноговорници кои што ми ги праќаат да договориме се враќаат со лоша вест, нема договор со овој и знаат дека после 12 парил ќе одговорааат, заклучи Мицкоски.

 

Треба да знаете
Последни објави