Интегрален текст од изјава на Ивица Томовски од ВМРО-ДПНЕ
„Нови скандалозни тендери на ЕЛЕМ за РЕК и рудниците. Објавена е јавна набавка за огромни 19 милиони евра без претходно објавен технички дијалог, односно без проверка на пазарот. 19 милиони евра е голем тендер кој се договара со низа пропусти и низ процедура која отвора сомнеж дека однапред треба да го добие блиска фирма до власта.
Дополнително станува збор за јавна набавка со краток период за прибирање на понуди од само еден месец, во кој е опфатен периодот на новогодишните и божиќните празници.
Заради краткиот период за подготовка на потребните документи и поднесување на понуди компаниите барале пролонгирање на рокот за поднесување на понуди за 10-20 дена, но од страна на АД ЕЛЕКТРАНИ биле дозволени само дополнителни 6 дена за поднесување на истите. Она што следи потоа, односно на 24.01.2020 година на неполни 7 дена пред крајниот рок за поднесување на понудите, АД ЕЛЕКТРАНИ направиле измена на тендерската документација и тоа во девет делови на постапката со кои се направени големи промени во техничките спецификации кои биле првично објавени.
Понатаму селективно е бодувањето кое се бара од најдобриот понудувач што укажува на сомнеж дека се мести тендер за блиска фирма до власта. Од вкупно 20 дела на тендерската документација само за дел 1 и дел 2 е предвидено моторот и хидрауликата да се од еден производител, што значи дека доколку не се од истиот производител понудувачот би добил 0 бодови. Доколку ова барање е битно за да се бодува квалитетот на опремата се поставува прашањето зошто истиот не е поставен и за останатите делови каде што има исто и мотор и хидраулика туку само за дел 1 и дел 2?
Симптоматично тоа е што наместо да се бара банкарска гаранција на понудата АД ЕЛЕКТРАНИ на Македонија бараат изјава за сериозност на истата.
Она што заслужува посебно внимание е бараниот услов од компаниите да имаат овластен теренски сервис со сервисна служба и опрема во Република Македонија или истиот да го формираат во рок до испорака на опремата но не подоцна од 6 месеци од потпишување на договор. При тоа треба да се има во предвид дека никаде во Законот за јавни набавки не се пропишани вакви одредби за утврдување на техничката професионалност и способност на компаниите.
Јасно е дека ова е тендер од 19 милиони евра кој се мести да го добие фирма блиска до Заев и власта.
Низа пропусти и скандалозни постапки фрлаат темна дамка врз целиот тендер. Затоа бараме итно поништување на тендерот и запазување на сите потребни законски процедури. Бараме да се стопира криминалот, криминалниот тендер и ограбувањето на буџетот на Република Македонија за цели 19 милиони евра.