Неовластено снимениот разговор покажува зошто мораше да се донесе Законот за јавно обвинителство – покажува како со него се надминува одлуката на Врховен суд. Со ЗЈО овозможивме сите предмети да добијат правна разрешница врз основа на обезбедените докази, изјави Зоран Заев за „Press24“ за објавената „бомба“ од Антонио Милошоски.
-Денес еве имаме свеж пример, Антонио Милошоски пушта некои мои разговори со кои јасно се гледа зошто беше важен законот. Јас во објавените тонски снимки ја коментирам одлуката на Врховен суд за непостапување за предметите од СЈО после јуни 2017 година, состојба со која предметите паѓаа доколку не се изгласаше Законот за јавно обвинителство. Разговорот некој од присутните неовластено го снимал додека се разговара за причините и потребата зошто треба да се донесе законот за Јавно обвинителство. Toa се веројатно разговори од состаноците кои се водеа со претставници на партиите од власта и опозицијата од албанскиот блок на партии, кога се убедувавме и објаснувавме со групата од осум пратеници од ВМРО-ДПМНЕ зошто е важно да се донесе Законот за јавно обвинителство…
…ВМРО-ДПМНЕ се закопа, пушта снимки од разговори од време кога сите знаеа дека предметите на СЈО беа под закана – Милошоски го знае новиот закон, тој, Груевски и Мицкоски знаат дека предметите ќе добијат пресуди врз основа на обезбедените докази. Спасени се доказите, спасени се предметите, само криминалот на ВМРО-ДПМНЕ не е спасен. Убаво да слушаат граѓаните како се ставани и вадени тонски парчиња во објавената снимка. Но и покрај тоа ВМРО-ДПМНЕ не успева да направи конструкција. Денес е јасно. Ние се боревме предметите да добијат правна разрешница, бидејќи како што се слуша во разговорот, таа беше загрозена, вели Заев.