Македонија одигра добро, но не доволно да избегне пораз од Русија

Македонската кошаркарска репрезентација го запиша вториот пораз во квалификациите за пласман на ЕП 2021 година, откако на гостувањето кај Русија беше совладана со 77-67 (19-20, 19-16, 19-17, 20-14).

Жолто-црвените одиграа далеку подобро од пред три дена кога, релативно неочекувано, загубија дома од Естонија и му претставуваа достоен ривал на далеку пореномираниот ривал. Избраниците на селекторот Александар Тодоров постојано му „дишеа во врат“ на рускиот гигант, а во првото полувреме во неколку наврати и водеа со пет поени разлика, додека во финишот максимално ги исплашија сите во салата во Перм.

Домаќинот на 90 секунди до крајот при резултат 70-67, промаши две од трите слободни фрлања што ни даде нова шанса за целосен пресврт. Но, следниот напад не беше организиран како што треба, Марко Симоновски беше блокиран по што Русите искусно ја исконтролираа последната минута и дојдоа до првата победа во квалификациите, откако и тие загубија во првото коло, на гости кај Италија.

Андреј Магдевски и Шејн Витингтон ја завршија средбата со по 14 поени и шест скока, додека двоцифрен ефект имаше и Војдан Стојановски со 10 поени. Ветеранот Виталиј Фридзон со 23 поен беше убедливо најдобар кај Русија.

ФОТО: КФМ

 

Треба да знаете
Последни објави