Речиси не поминува ден без да се исконфронтираат техничкиот заменик – министер за земјоделство, Цветан Трипуновски и министерот за земјоделство, Трајан Димковски.
Првиот постојано обвинува, вториот враќа.
Уште од првиот ден кога дојде на функцијата, Трипуновски ги посочува „слабостите и криминалите” во секторот, дава изјави сам пред некоја од надлежните институции (АХВ, Инспекторат за земјоделство) или на терен заедно со земјоделец кој ги потврдува неговите обвинувања. Неодамна направи и сериозна „егзибиција”, упаѓајќи во Подрачна единица на Министерството со „најмен снимател” за „да ги фати на дело” вработените. Идејата му била јавноста да види дали тие си ги извршуваат обврските или „седат со нозе на маса”.
Димковски возвраќа веднаш, со контра обвинувања. Тврди дека се што кажува техничкиот заменик-министер е лага. Додека ги промовира владините мерки и реализациите на исплатите (субвенции, поддршки), наоѓа време да испрати/искаже деманти, да потсети дека додека кусо време беше директор на Инспекторатот за земјоделство, Трипуновски не стори буквално ништо за секторот.
Министерот Димковски, сепак, на 15 јануари годинава апелираше дополнителните министри од ВМРО-ДПМНЕ да не ја блокираат и опструираат работата на институциите, бидејќи, како што рече, со тоа прават штета на граѓаните. Им порача, и покрај разликите во идеологијата, начинот на размислување и политичкото дејствување, до 12 април да соработуваат за добро на државата, да работат на почнатите активности за да нема застој и да се обезбеди континуитет.
Димковски и дополнителниот заменик Трипуновски се соочија двапати и на тв-дебати. Но, „дискусијата” остана иста.
Во меѓувреме, земјоделците, постојано ги слушаат клеветењата и препукувањата. Колку тоа (може да) влијае врз нивниот став? Кој, според нив, ја зборува вистината, а кој манипулира? Чија политика (на СДСМ или на ВМРО-ДПМНЕ) дава/даде резултати, а чија е сведена на флоскули? Колку ваквиот начин на „комуникација” меѓу двајца луѓе поставени на челни позиции му штети на земјоделството и кон што води тоа? Дали се можеби презаситени од „продавањето магла” и „празните муабети” на политичарите со оглед на конкретните, ни малку едноставни предизвици во секторот?
МИА побара одговори на овие прашања од претседатели на неколку земјоделски здруженија. Сите оценија дека нивото на „комуникација” меѓу Трипуноски и Димковски е ниско. Порачаа и дека земјоделците не се наивни, ниту глупави, туку дека многу добро знаат кој што прави, особено сега, во предизборниот период.
-Политиката не треба да се меша во работата на мотиката. Наместо да соработуваат за доброто на земјоделците, Трипуновски и Димковски се препукуваат, а тоа не води никаде. Штетно е кога двајца чауши во еден ресор одат контра. Не е добро за сé она што земјоделците го очекуваат. По еден месец треба да почне пролетната сеидба. Наместо да кажат двајцата како ќе ги поддржуваат производителите, со кои мерки, тие меѓусебно се обвинуваат, дециден е претседателот на Сојузот на здруженијата на земјоделци, Вељо Тантаров.
И Асоцијацијата на земјоделци го осудува ваквото однесување на Трипуновски и Димковски.
-Комуникацијата е на многу ниско ниво. Ова не личи на ништо. Има многу по цивилизиран начин за да се докаже во пракса кој е подбар и кој има подобри идеи. Земјоделците се доволно интелигентни да сфатат кој ја зборува вистината, а кој не. Со ваквите настапи техничкиот заменик-министер и министерот можат само негативно да делуваат и да ги збунат земјоделците. Сакаат да ги злоупотребат во политичка смисла, посебно сега, пред избори. Постојано даваат различни податоци и мислења. Кому да веруваме? Нека покажат идеи, а не да се вреѓаат. Тоа е најниско. Инаку, тешко може да го сменат ставот на земјоделецот. Може само да добијат негативни поени, истакнува претседателот на Асоцијацијата, Ефтим Шаклев.
Според претседателот на Сојузот на здруженијата на тутунари, Менде Стомнароски, од кога дојде на позицијата, техничкиот заменик – министер сé „избуричка”.
-Трипуновски оди по луѓе и создава револт. Шири шпекулации дека тутунот нема да им се купи, дека нешто не е во ред, а ние правиме многу напори во таа насока. Тутунот ќе се откупи и сé ќе биде во ред. Тој ги манипулира земјоделците. Зошто не дојде кај нас, ако сака да помогне, а не, само оди некаде, дава некакви изјави, обвинува дека не функционираме и дека не работиме, додека ние секој ден сме на терен, на средби со откупувачи и во коморите, напоменува Стомнароски.
Сточарите велат дека во една куќа треба да има еден домаќин, а ако се двајца, како Димковски и Трипуновски во случајов, тогаш треба да соработуваат за добро на земјоделците.
-Ова води кон пропаст. И овчарите и земјоделците и поледелците, сите сме „ни ваму – ни таму”. Едниот вика едно, другиот друго. Едниот ветува многу, другиот уште повеќе. Катастрофа. Кого да слушаме? Сепак, едно е јасно, дека во една куќа треба да има еден домаќин. Ако се мешаат многу, ништо, џабе е сé. Димковски и Трипуновски треба да соработуваат за интересите за земјоделците, да се пуштат субвенциите навреме зашто не чека работа, потенцира претседателот на здружението „Шарпланинец” и претседател на регионалното здружение на овчари за Западна Македонија, Меџит Амити.
Според претседателката на Националната федерација на фармери (НФФ), Васка Мојсовска, вистинските земјоделци немаат време за следење на медиумските препукувања на кој било, бидејќи преку ден се зафатени со обврските на поле и на фармите, а навечер се уморни.
-Ставот на земјоделците се определува по тоа дали им се откупните цени повисоки од производните цени на земјоделските производи, дали субвенциите стигнуваат на време, дали програмите за рурален развој и ИПАРД програмите се насочени кон вистинските (регистрирани индивидуални) земјоделци на кои единствена егзистенција им е земјоделството, дали системите за наводнување на полињата се функционални и законите и правилниците се применливи и во корист на земјоделците. Дали имаат добра инфраструктура во селата и дали ги имаат потребните услови за достоинствен живот на село. Тоа е она што е одлучувачко за ставот на кој било земјоделец. Како НФФ ќе ги погледнеме предизборните програми на сите политички партии и ќе видиме што имат предвидено за развој на земјоделството и руралниот развој, децидна е Мојсовска.
Проблемите во земјоделството се огромни и затоа, напоменува, треба сите заеднички да се насочат кон креирање закони и правилници кои неа да им дозволат на откупувачите да манипулираат со цените и земјоделецот ќе има заработка од тоа што го произведува.
-Политичките партии и функционери треба да ги насочат своите дебати кон тоа што планираат да направат во иднина за достоинствен живот на секој земјоделец, за развој на руралните места и за тоа кои мерки ќе ги преземат за да влијаат откупните цени да бидат повисоки за земјоделските производи. Треба да работат и на освојување нови пазари. Како Федерација апелираме, мерките кои имаат развојна компонента за маргинализираните групи (младите и жените фармери во руралните средини) и кои се креирани во соработка со нас, да не се искористуваат за политички цели, преку дезинформации и манипулации зашто така само им се нанесува штета на земјоделците, потенцира Мојсовска.