Претседателите на највлијателните клубови во ЕП се жалеле во Европскиот совет на хрватското претседавање со Европската Унија поради игнорирањето на заштитата на владеењето на правото во Унгарија и во Полска, пишува српски „Курир“.
Поради тоа, тие упатиле протестно писмо, а меѓу потписниците е и Манфред Вебер од Европската народна партија. Во писмото што го објави хрватски „Индекс“ се вели дека се длабоко загрижени поради немањето напредок во врска со членот 7 против Унгарија и Полска.
Членот 7 од Лисабонскиот договор предвидува можност за суспензија на правата на определена членка ако таа ги крши европските правила.
Европарламентарците во писмото ја опишуваат ситуацијата како алармантна и се жалат дека е невозможно да се водат и неформални разговори на оваа тема во текот на хрватското претседавање. Тие напоменуваат дека таквите разговори биле водени додека со ЕУ претседавала Финска, а сега, кога Хрватска го презема кормилото, престанале.
„Европскиот совет не смее да замиже пред резолуциите што се усвоени и дебатите кои се водат во ЕП во последните три месеци или пред разните правни потези што ги повлече Европската комисија. Крајно време е да се дејствува“, се вели, меѓу другото, во писмото.
Во заклучокот на писмото се вели дека е потребно да се бранат вредностите на кои е подигната ЕУ, а тоа се човековото достоинство, слободата, еднаквоста, владеењето на правото и почитувањето на човековите права и правата на малцинствата.