Се уште е рано да се зборува за последиците на нашата економија од коронавирусот, оцени денеска министерката за финансии, Нина Ангеловска за време на посетата на Свети Николе. Посочи дека од Владата имаат насоки да ги следат состојбите и да преземаат одредени превентивни мерки.
-Вчера беа усвоени неколку одлуки на Владата, кои верувам дека ги знаете, а тоа е во делот на забраната за екскурзии во северна Италија од основните и средни школи. Тоа се на некој начин превенција. Министерот за здравство говореше и ги сподели мерките во однос на резервите, односно да се обезбедиме со ракавици, скафандери, дополнителна опрема. Ние на седницата разговараме долго време во однос на целата ситуација и што е она што може да се превенира, вели Ангеловска. Таа посочи дека од економската гледна точка е рано да се прават какви било предвидувања, а ја следат и глобалната економија со цел да се преземат и одредени активности. Буџетот во таа насока е ликвиден и неговата реализација е одлична во месец јануари.