Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски, заедно со министерот за здравство Венко Филипче и епидемиологот Жарко Караџовски на денешната прес-конференција информираа дека од утрово е откриен првиот случај на пациентка позитивна на вирусот „Ковид 19″ , која е изолирана, и според сите здравствени протоколи згрижена на Клиниката за инфективни болести во Скопје.
„Согласно сите медицински протоколи, сите надлежни институции се во целосна подготвеност за соодветна реакција по однос на овој изолиран случај. Ве уверувам дека нема причина за паника и дека во моментот и во наредниот период се преземаат сите мерки според пропишаните протоколи од Светската здравствена организација”, рече премиерот Оливер Спасовски.
Тој се заблагодари на медиумите за досегашната конструктивна соработка, посветеност и известување за мерките кои се преземаат од Владата за справување со појава на евентуални случаи на заболени од овој вирус.
Дека нема место за паника, неколку пати повторија и министерот за здравство Филипче и епидемиологот Караџовски кои дадоа детали за пациентката и за начинот на кој таа пристигнала во земјата.
„Педесетгодишната пациентка е изолирана на Клиниката за инфективни болести и според досегашните информации таа веќе две недели била болна претходно и сметаме дека инкубацијата е помината. Сепак, правиме протоколи и џги испитуваме сите патишта и контакти кои ги имала заболената”, рече министерот Филипче.
Тој повика сите граѓани да се придржуваат на Владините препораки во однос на корона вирусот и информираше дека и во Грција денеска е откриен еден случај на заболен со корона вирус и дека сите соседни министерства за здравство и од Србија и Албанија се во постојан контакт за размена на информации.
Епидемиологот Жарко Караџовски информираше дека стручна екипа од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) со полна заштитна опрема направиле епидемиолошка анализа на пациентката, таа е пренесена во Клиниката во изолирано одделение од посебен влез и дека се преземаат сите потребни мерки.
„Ние ја владееме ситуацијата. Постојано сум во контакт со мојот тим, достапен сум на телефон и ова заболено лице не е опасност за останатите граѓани. Работиме по усогласени алгоритми и се подготвуваме веќе подолго време. Со овој случај ништо не е сменето. Ги контролираме граничните премини, даваме упатства и ако некое лице било во контакт со лице кое е можно да било заболено, веднаш ќе го изолираме”, рече Караџовски, кој повтори дека на аеродромот Скопје има медицински екипи и клиничките болници во Штип, Велес и Гостивар се подготвени.
На денешната прес-конференција беше подвлечено дека засега нема никакви ограничувања ниту за примање на патници од Италија и останатите земји, ниту постојат причини за да се забранат поголеми манифестации и настани од било каква природа.
На прес-конференцијата беше упатен апел до сите компании и институции во кои има вработени кои во изминатиот период патувале во Италија, да бидат ослободени од работните обврски и да бидат во домашна излолација до 14 дена.