Заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжена за економски прашања, Мила Царовска и министерката за странски инвестиции Зорица Апостолска денес ја посетија „ВИК груп“, компанија со германски капитал која во технолошко-индустриската развојна зона во с. Алинци, Прилеп во 2018 година започна со изградба на фабрика за производство на електрични апарати наменети за употреба во домаќинствата.
Од страна на вицепремиерката Царовска и министерката Апостолска беше оценето дека интензивната динамика на реализирање на инвестицискиот проект на „ВИК Груп“ и воведувањето на нови производствени линии, со проектирани инвестиции од над 15 милиони евра и долгорочни планови за дополнителни вложувања, зборува за успешните економски политики на Владата и нејзината две и пол годишна посветеност на стабилизирање и зајакнување на деловниот амбинет.
Вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска потенцираше дека Владините мерки за поттикнување на нови инвестиции од домашни и странски компании и нивен понатамошен раст и развој, даваат одлични резултати, при што нагласи дека во изминатите две и пол години бројот на вработени во компаниите кои работат во технолошко индустриските развојни зони се зголемил за над 5000 лица, односно од околу 8000 вработени во 2017 година, бројот на вработени во компаниите кои функционираат во ТИРЗ сега изнесува 13.900 лица.
„Компанијата ВИК груп е една од компаниите кои се вклучени во процесот на усогласувањето на образованието за потребите на пазарот на трудот. Во генерацијата на ученици кои се запишани во 2019 година во програмата за дуално образование во земјата се вклучени 135 ученици, дел од тие кои изведуваат практична настава во самите компании и навистина се обидуваме заедно со стопанските комори оваа програма да ја прошириме и да даде добри резултати. Заедно со стопанските комори, се обидуваме да ги стимулираме сите поголеми компании, кои имаат и реални услови да се вклучат во програмата за учење преку работа и да вклучат што поголем број на ученици уште во средното образование“, нагласи вицепремиерката Царовска.
Министерката Апостолска зборувајќи за придобивките на оваа инвестиција за Пелагонискиот регион, истакна дека со финализирањето на целокупниот пет годишен инвестициски проект на „ВИК Груп“ планирано е да се отворат над 1.000 работни места, што ветува една долгорочна стабилност за граѓаните на Прилеп и поширокиот регион, за нивната социјална сигурност од аспект на можност за пристап до стабилни работни места.
„Како резултат на стимулативните услови во земјава, на активните Владини политики за поддршка на компаниите во делот на инвестициите, на поволниот и предвидлив деловен амбиент за водење на бизнис, по првично планираната инвестиција на компанијата од 6 милиони евра во 2018 година, со околу 60 вработени, од компанијата ВИК груп одлучија да го прошират инвестицискиот циклус, односно да направат проширување за воведување на нов асортиман на производи. Сега, по една година и половина, инвестицијата на ВИК груп достигна 13 милиони евра, со можност, вкупните инвестиции да се покачат на 15 милиони евра, а во компанијата веќе се вработени преку 200 лица“, изјави министерката Апостолска.
Придружувани од генералниот менаџер на ВИК Груп за Северна Македонија, Вернер Шоеб, вицепремиерката Царовска и министерката Апостолска посетата на компанијата ја искористија и за обиколка на фабриката и непосредно запознавање со производствениот процес, при што беа информирани за тековните и идните инвестициски активности.
Генералниот менаџер на ВИК груп Шоеб изјави дека посветеноста и поддршката од Владата во изминатиот период беа клучен елемент, оваа компанија да ги зголеми почетните инвестиции и додаде дека оваа компанија ќе продолжи со проширување на нивните производствени активности во Северна Македонија.
„ВИК Груп“ е германска компанија која се занимава со производство на мали електрични апарати кои имаат примена во домаќинството. Седиштето на компанијата е лоцирано во Есен, Германија и Хонг Конг. Компанијата е основана во почетокот на 50-тите години на 20-от век, а освен во Северна Македонија има свои производствени капацитети во Шенжен, НР Кина и Батам, Индонезија, а центарот за иновации, дизајн и развој се наоѓа во Есен, Германија. Од тогаш, компанијата има развиено стотици системски решенија и произведени се милиони производи за многу водечки меѓународни брендови. Компанијата глобално вработува околу 6.000 лица.