Лекарите и медицинскиот пероснал на Инфективното одделение во штипската Клиничка болница се подготвени во случај да имаат сомнителни случаи на заболени или лица кои биле во контакт со заразени од коронавирусот, а кои евентуално би се сместиле во изолацискиот центар на ова одделение.
Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев на денешната прес-конференција истакна дека како една од превентивните мерки е и тоа што од денеска во болницата е забранета посета на пациентите на сите одделенија. Тој поднел и барање за добивање маски, заштитни наочари и скафандери за персоналот, а дополнителна набавка врши и болничката аптека.
– Задолжена е болничката аптека да обезбеди доволно количини на дезинфекциони средства за подови, површини, раце. Доволни количини на инфузиони раствори и лекови и се она што ние треба да го имаме како болница, вели Ѓеорѓијев.
Тој апелираше на социјалните мрежи да не се шири паника и да се креираат лажни вести во врска со корона вирусот, а граѓаните единствено треба да ги следат препораките на надлежните институции. Се уште не е прецизирано до крај како ќе тече постапката, но некои работи, посочи, ќе се решаваат во зависност од бројот на евентуално заболени. Според него, јасно е дека ако има поголем број пациенти тоа подразбира целосно затворање на инфективното одделение за останатите пациенти и посебно возило за транспорт до Инфективната Клиника во Скопје ако се утврди присуство на вирусот.
Медицинскиот персонал вчера попладнето имал и обука, а на штипското Инфективно одделение во моментот работат тројца лекари инфектолози, но им помагаат и двајца општи лекари, додека за пациентите се грижат 11 медицински сестри.