Косовскиот премиер Албин Курти го обвини денеска претседателот на државата Хашим Тачи дека извршил тешко прекршување на Уставот со тоа што во 2013 година, како премиер, потпишал таен договор со тогашниот генерален секретар на НАТО Андерс Форг Расмусен, со кој на Безбедносните сили на Косово (ФСК) им се забранува влез во северниот дел од државата, населен со мнозинско српско население.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, Курти смета дека ваквото прекршување на Уставот од страна на Тачи претставува основа за започнување на процедурата за негово разрешување од функцијата претседател на Република Косово.
– Имајќи ги предвид доказите кои ги има на располагање кабинетот на премиерот, како и релевантните одредби на Уставот на Република Косово, постојат доволно основи за да се констатира prima facie дека претседателот Тачи, во времето кога беше премиер, извршил тешки прекршувања на Уставот и дека извршувањето на ваквите прекршувања го оправдува иницирањето на уставна процедура за негово разрешување од функцијата претседател на Република Косово, се вели во уставното толкување на договорот што го објави Кабинетот на Курти.
Претходно Курти ја извести претседателката на Собранието на Косово, Вјоса Османи дека побарал анализа на тајниот договор од 19 април 2013 година меѓу тогашниот премиер Тачи и генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен.
– Со овој договор премиерот Тачи во името на Република Косово му го пренесе на КФОР апсолутното право на вето на сите идни мисии на ФСК на косовскиот север на неопределено време, се вели во соопштението за медиуми од Кабинетот на премиерот.
Курти во дописот до Османи нагласува дека по приемот на функцијата премиер, на 3 февруари годинава, побарал од службите во неговиот кабинет веднаш да ја анализираат содржината на тајниот договор, како и неговите уставни импликации.