– Засега откажа една мала група со деца од Белград, поради препорака во нивното училиште да не се патува на екскурзии, а други откажувања немаме, информираше вечерва претседателот на Организациониот одбор на Струмичкиот карневал, Александар Цицимов пред почетокот на годинашните карневалски празнувања по појавата на коронавирусот во нашата држава.
Според него, Организациониот одбор ги почитува препораките на Владата, кои беа соопштени попладнево дека сите манифестации и животот треба да продолжат.
– Следејќи ги препораките одлучивме да го тераме карневалот, бидејќи ние не сме во состојба да одлучиме самостојно и да шириме паника ако го откажаме. Бидејќи, на ниво на државата е решено манифестациите да продолжат ние тераме според утврдената програма, додаде Цицимов.
Инаку, на Интернационалната карневалска вечер, која ќе се одржи в сабота, треба да учествуваат 45 поединечни и групни карневалски маски од земјава, но и од Србија, Црна Гора, Бугарија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Грција, Италија и Германија со над 1.200 учесници.