Директорката на информативната програма на Би-Би-Си, Франческа Унсворт, оцени дека независното, непристрасното, вистинитото и објективно новинарство е потребно повеќе од кога и да било, бидејќи фабрикуваните вести и притисоци врз слобода на говорот се зголемуваат, а владите и моќните организации манипулираат со факти и ја маскираат пропагандата под наметката на новинарството.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, Унсворт на конференцијата на српската редакција на Би-Би-Си „Лажни вести и избори”, кажа дека независните медиуми се обвинети за ширење лажни вести.
-Довербата на јавноста во медиумите е сериозно нарушена во овој регион. Кога минатата година разговаравме за лажни вести, истражувачките медиуми беа под агресивен напад од таблоидите и нивниот патриотизам беше доведен во прашање, бидејќи ги проверуваа фактите и вистинитоста на вестите, кажа таа.
Унсворт оцени дека Би-Би-Си е во добра позиција во Велика Британија затоа што е поддржана од британските претплатници и Министерството за надворешни работи преку грантови.
-Ние сме јавен радиодифузен сервис, а не државен радиодифузер и се финансаме преку претплата. Ние сме сопственост на британскиот народ, а не на владата, предочи Унсворт.
Непристрасноста, вистинитоста и точноста се вредности со кои се препознава Би-Би-Си и ние сме посветени да ги зачуваме тие вредности, кажа таа, истакнувајќи дека сите се свесни дека Велика Британија поминала низ „болна кампања” за Брегзит и избори кои беа обележани со огромно количество дезинформации.
-Постоењето на социјалните мрежи ги убеди политичарите да мислат дека можат да ги заобиколат мејнстрим медиумите и да допрат директно до гласачите. Тоа е опасно и видовме дека главните политички партии шират дезинформации, додаде Унсворт.
Директорката на Би-Би-Си наведе и дека за време на изборната кампања водечките британски политичари одбиле да дадат интервјуа на политичките новинари.