– На грчките острови Лезбос и Хиос и денеска продолжија протестите на локалното население против изградбата на затворените центри и повторно кулминираа со судири меѓу граѓаните и полицијата, во кои, според локалните медиуми, повредено е вкупно 61 лице, од кои 51 полицаец, јави дописничката на МИА од Атина.
На островот Лезбос, во инцидентите повредени се 43 полицајци и десет граѓани, додека пак на Хиос, со повреди се здобиле осум полицајци кога гневни граѓани влетале во хотелот и во собите во кој што биле сместени и физички ги нападнале.
Според видеото и фотографиите објавени од локалниот информативен портал од Хиос „Алитиа”, граѓаните насилно влегуваат во хотелот и собите, физички ги напаѓаат полицајците кои во тој момент не се на служба, а паралелно ги фрлаат од прозорците нивните лични работи.
На Лезбос, инцидентите се случија во делот каде планиран за изградба на затворениот центар и каде што веќе започнаа градежните работи.
Полицијата го блокираше пристапот до конкретната локација, по што следеа инцидентите со насобраното локално население.
-Од синоќа ја повикавме владата да ги повлече специјалците, да го одложи напредокот со градежните работи за новиот центар и потоа да разговараме од нула за целиот проблем со мигрантите на трите наши острови за да дојдеме до помирување и жителите да си се вратат на нивните работни места по насилството што го претрпеа, вели Костас Муѕурис, префектот на островите од северниот дел од Егејското Море и изрази надеж дека нивниот предлог ќе биде прифатен.