Со генерален штрајк и протести одговараат жителите на островите од северниот дел на Егејското море, на одлуката на грчката влада да започне со изградбата на затворените центри за бегалци и мигранти, но и за, како што велат, „апсурдното насилство на полицијата” јави дописничката на МИА од Атина.
– Затворено поради предавство”, пишува на вратата на продавница на Лезбос, а на островот, како и на Самос и Хиос, денеска сите ставија клуч на врата, со оглед на тоа дека во генералниот штрајк учествуваат државните служби, рестораните, таверните и кафулињата, стопанската комора, како и трговците. Жителите напладне ќе одржат протести и на централните плоштади и на локациите каде што започнува изградбата на затворените центри.
Токму на овие локации во текот на вчерашниот ден повторно имаше инциденти меѓу локалното населените и полицијата, а на Лезбос траеја и до доцна во ноќта.
Булдожери и камион од војската за да ги избегнат блокадите на граѓаните поставени од двете страни на патот што води до конкретната локација, стигнаа преку шумски делови и започнаа со изградбата.
-Среда, 26 февруари 2020 – ден на генерален штрајк во северниот дел на Егејското море во знак на протест и динамична реакција на жителите за апсурдното насилство и употребата на солзавец од специјалните полициски единици по наредба од владата, напиша Костас Муѕурис, префектот на островите од северниот дел на Егејското море на неговиот официјален „Фејсбук” профил.
Паралелно вели дека островите нема „да се претворат во затвори и постојан дом на десетици илјади имигранти, како што бара државата”.
Локалните власти и локалното население се против изградбата на затворените центри за бегалци и мигранти, односно против одлуката на владата, за која владиниот портпарол Стелиос Пецас на вчерашниот редовен брифинг со новинарите рече дека ќе се спроведе, а новите центри ќе се изградат.