Апелациониот суд во Скопје ја потврди првостепената пресуда, изречена во скопскиот „граѓански“ суд, кој претходно утврди дека разрешениот судија Владимир Панчевски вршел психички притисоци, односно мобинг врз вработениот Горан Стаменковски, објави порталот Правосудство.
Повисокиот суд констатирал дека Стаменковски бил психички вознемируван од Панчевски кој во тоа време ја извршувал функцијата претседател на скопскиот кривичен суд.
– Согласно донесената одлука, вршител на вертикалниот мобинг е лицето В.П. од Скопје. Мобингот во форма на психичко вознемирување е вршен према лицето Г.С. од Скопје на начин што без решение за распоредување, а врз основа на задолжение, бил приморан да работи на голем број предмети, со краток рок на извршување, бил јавно деградиран, исмејуван и омаловажуван, а против него било покренато и дисциплинска постапка. Мобингот траел неколку години, а покрај другите докази, жртвата има и медицинска документација, како доказ за нарушено здравје. Ова е прва конечна пресуда во Р.С. Македонија – објави адвокатката Ана Ристова на Фејсбук.