Францускиот Лион иако важеше за аутсајдер во двомечот со италјанскиот Јувентус во осминафиналната пресметка од фудбалската Лига на шампионите го доби „првото полувреме“ одиграно пред сопствените гледачи (1:0). Реваншот е во Торино закажан за 17 март.
Тренерот на францускиот тим Руди Гарсија е задоволен од играта и залагањето на неговите играчи. -Воопшто не е лесно да се победи „старата дама“ со Кристијано Роналдо и останатите ѕвезди на шампионот на Италија. Задоволен сум, ова е голема победа за нас. Најважно е што успеавме и да ја сочуваме мрежата. Можеби имавме шанси и за втор погодок, но нема да гледаме на победата во заби. Не е лесно да се победи Јувентус. Остваривме голем триумф над голем тим, со ѕвезди како Роналдо, Пјаниќ, Дибала…Секако ќе настојуваме да постигнеме еден гол и на реваншот. Тоа ќе мора да го сториме ако сакаме да се пласираме во следната рунда – вели Гарсија.
Лион не му дозволи на Јувентус да се размавне. Го блокираше по целиот терен, а во текот на 90 минути му дозволи да испрати само еден удар кон голот на Антони Лопес.