Нашето општество се менува на подобро. На многу подобро.
Граѓанскиот концепт “Едно општество за сите” ги победува стереотипите. Времето на поделби заминува во историјата.
Денес, моноетничкиот концепт кога партиите се обраќаа само на „своите” или само во својот етнички кампус е поразен.
Во семејството на полноправни членки на НАТО и ЕУ не се влегува со декларативни заложби за единство, туку со дела и визија за сигурна иднина.
На изборите во 2016 година, СДСМ беше првата македонска партија која со своите принципи и определби привлече десетици илјади албански гласови. Но, ова денес е посебен чин, нов историски момент за демократијата и за плурализмот.
СДСМ денес ја објавува предизборната коалиција со Движењето БЕСА. Со овој наш заеднички чекор, мултиетничкиот карактер на Северна Македонија го пресликуваме во конкретна програмска и кадровска понуда.
Нашата визија за Северна Македонија е економски силна и стабилна држава, праведна земја, членка на НАТО и ЕУ.
Градиме општество кое се крепи на еднаквост, праведност и правичност. Градиме држава во која има шанса за сите. И за младите, и за ученциите и за работниците и за пензионерите и за Македонците и за Албанците, и за Ромите, Турците, Србите, Власите, Бошњаците, и за жените, и за мажите, и за сите останати.
Тоа ќе го постигнеме ако само сите се обединиме околу вистинските цели кои водат напред. И тоа денеска, еве го правиме.
Затоа, ја користам оваа прилика јавно да му оддадам признание на лидерот Биљал Касами и целото раководство и членство на Движењето БЕСА, кои покажаа дека имаат визија, политичка храброст и дека поседуваат вредности и принципи за вистинско граѓанско обединување. Движењето БЕСА е првата албанска партија која го надминува досегашниот амортизиран концепт во домашаната политика, етничките гласови да се употребуваат најмногу како бројка за постизборни калкулации за учество во владината коалиција.
Ова е извонреден настан за сите граѓани. На нашата заедничка куќа ставаме уште поцврсти темели. Искрено вложуваме во нашата цврста верба дека сите граѓани се исти без разлика на нивната етничка, верска и политичка припадност. Затоа, предизборната коалиција со нашиот нов албански партнер – Движењето БЕСА е историска за Северна Македонија.
Ова е победничката коалиција! Предводена од СДСМ, ова ќе биде и најголема, и најразнолика и најмоќна коалиција до сега. Затоа е победничка! Нема дилеми!
Ние сме сигурни победници на 12 април и тоа му е на секого јасно. Уште од денес се знае дека токму оваа коалиција на 12 април ќе освои сериозно и сигурно мнозинство за формирање Влада. Тоа е јасно и на нас и на нашите политички опоненти.
Владеењето на правото, човековите слободи и права, економскиот прогрес, солидарноста и толеранцијата, се столбовите на кои почива модерната македонска држава. Оваа коалиција се потпира токму на тие вредности, но и на одредбите и потребата за доследно спроведување на Охридскиот рамковен договор, Договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија.
Со сите што цврсто стојат на овие принципи, има простор за разговор. Се разбира, тоа не е и не може да биде ВМРО-ДПМНЕ додека на чело на партија се Христијан Мицкоски и Никола Груевски.
Убеден сум дека за иднината на нашата заедничка татковина, ова заробено ВМРО-ДПМНЕ треба да остане политички изолирано како ретргограден политички субјект кој ги блокира и опструира сите најважни внатрешни и надворешни процеси на Северна Македонија. Само така ќе смогнат сили внатрешно да се реформираат и да почнат да се однесуваат како конструктивна демократска опозиција, бидејќи со сегашното однесување тие се опасност и за државата и за граѓаните. Ова го кажувам за да предизвикам реформи во ВМРО-ДПМНЕ веднаш по изборите.
Што се однесува до другите албански партии и коалиции, сакам да ја уверам јавноста дека како победничка коалиција нема да дозволиме да бидеме уценувани и нема да прифаќаме непринципиелни преговарања и договарања. Оние кои што ќе сакаат да се приклучат на победниците ќе треба да ги прифатат нашите принципи и вредности за евентуално учество во владината коалиција.
Направивме сериозни чекори и резултати во економијата, испорачавме во надворешната политика, ја вративме слободата и демократијата, и сега е време законските реформи во правосудството да се почуствуваат и во пракса. Да се прочисти правосудството.
Во таа насока ќе продолжиме и по победата на 12 април. Со здружени сили, ќе покажеме дека можеме уште повеќе и уште подобро. Ќе поставиме рекорди во македонската економија, грижа за сите наши граѓани, ред, дисциплина и правда, и успешно ќе ги водиме преговорите со Европската Унија. Со нас преговорите ќе траат најмногу 6 години. Со ВМРО-ДПМНЕ би траеле 60 години и можеби никогаш нема да завршат.
Со оваа наша силна и победничка коалиција, ќе работиме макотрпно, посветено, истрајно со една и единтвена цел – за подобар живот на нашиот народ. За подобро денес и подобро утре на сите наши граѓани и за сите наши деца.
Со здружени сили, заедно, можеме многу подобро!
Да живее коалицијата, да биде победничка, нека ни е со среќа на нашата земја и на нашиот народ.