Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, денеска при сведочењето во Кривичниот суд Скопје, за предметот „Монструм”, за убиството на четирите момчиња и рибарот кај Смилсковско Езеро на 12 април 2012 година, посочи дека не може да се сети дали странски служби ги информирале дека станува збор за лица кои биле во воените боишта во Авганистан и Ал Каеда.
– Не се сеќавам дали оперативната обработка за исламистичка група се издиференцирала во овој случај. Не можам да се сетам дали странски служби не информирале дека станува збор за лица кои биле во воените боишта во Авганистан и Ал Каеда. Сите мотиви во овој случај ги класифицираше јавниот обвинител, истакна Мијалков.
Поранешниот директор на УБК наведе дека немал претходни информации дека ќе се случи овој настан.
На прашање на обвинетиот Фејзи Азири, дали на 12.04.2012 фунционирале безбедностите камери на Град Скопје, Мијалков одговори дека тоа може да се провери во МВР и дека не се сеќава кои камери работеле пред осум години.
Мијалков беше прашан дали одржал средба со директорот на тајната служба по овој убиствата кај Смилковското езеро.
– Да, имав една средба со шефот на тајната полиција, но не се сеќавам кога точно е реализирана, наведе Мијалков.
Обвинетиот Азири, побара појаснување од сведокот Мијалков, зошто истрага е водена во една насока.
– Во моментот на настанот немавме никакви информации. Не е вистина дека сме воделе постапка во еден правец. Групата се издиференцира како резултат на материјалните докази и од ПИ-мерките. Не можам да ви кажам како вашиот број е избран да се следи, рече Мијалков.
Мијалков за настанот дознал половина час по убиството. Случајот го воделе БЈБ, а Управата била вклучена со помагање во информации.
– УБК беше присутна во својство и улога на собирање информации по однос на оперативни сознанија. За овој случај беа ангажирани сите ресурси на УБК и БЈБ, појасни Мијалков на прашање на обвинителката Фатиме Фетаи.
Денешното рочиште за случајот „Монструм” продолжува со сведочење на поранешниот советник за национална безбедност Синиша Алексовски. По него треба да сведочат и поранешните министри Муса Џафери и Блерим Беџети.