Новиот коронавирус се прошири во 40 земји низ целиот свет и заразени на сите континенти, освен на Антарктикот. Досега, најмалку 2.800 луѓе, најголем дел во Кина, починаа од новиот коронавирус, Ковид-19.
Во светот се пријавени повеќе од 81.700 случаи на инфекција, а Светската здравствена организација синоќа објави дека за првпат бројот на пријавени случаи надвор од Кина е поголем од оние во Кина.
Израел е првата држава која побара од своите граѓани да не патуваат во странство ако не мораат.
Во Италија се регистрирани 400 случаи на новиот коронавирус, најголем број заразени во Европа. Вирусот се шири низ цела Европа, при што првите случаи пријавени од Норвешка, Романија, Грузија, Данска, Грција.
Многу европски земји преземаат акции, а Италија стави 100.000 луѓе во карантин со забрани за патувања.
Во Иран се пријавени 193 инфекции и 19 смртни случаи. Вирусот се прошири на Блискиот исток оваа недела, вклучувајќи ги Кувајт, Бахреин, Либан …
Смртни случаи надвор од Кина се пријавени во Иран (19), Јужна Кореја (13), Италија (12), Јапонија (7), Хонг Конг и Франција (2), како и еден на Филипините и Тајван.
Во Кина се пријавени 433 нови случаи на коронавирус, со што вкупниот број на заразени изнесува 78.497, соопштија властите. Во Кина од вирусот починаа 29 лица вчера, најмал број на жртви од коронавирусот од 28 јануари. Вирусот уби 2.744 луѓе досега во Кина.
Саудиска Арабија забрани прием на лица кои одат таму на аџилак.
Француски Фигаро констатира дека во Франција има шест нови случаи за 48 часа и еден починат и тоа го отежнува до максимум мониторингот додека според медиумот, новиот коронавирус е предвесник најверојатно на економска криза.
Весникот Нувел опсерватор нагласува дека кризата со новиот коронавирус се претвора во политичка. Весникот ја цитира поранешната министерка за здравство Аниес Бузен која вели дека сегашната градоначалничка Ан Идалго не го подготвила градот за ризикот од епидемија. Во таа држава денеска премиерот Едуард Филип ќе има средба со лидери на парламентарни партии за да се разгледа ситуацијата со новиот коронавирус.
Руското Министерство за надворешни работи препорача граѓаните да не патуваат во Италија, Иран и Јужна Кореја, каде се зголемува бројот на заразени со „Ковид-19″. Но, работите не застанаа тука – вицепремиерката Татјана Голикова рече дека државата престанува да издава визи за ирански граѓани и да ги прекинува повеќето воздушни услуги до и од Јужна Кореја, објави руски Комерсант.
Италија веќе е на трето место во светот по број на заразени по Кина и Јужна Кореја. Во Италија за помалку од три месеци почнува Евро-2020 (12 јуни). За тоа време коронавирусот може да покоси стотици ако не и илјади лица, истакнуваа европски весници. Европското првенство во фудбал треба да се одржи во 12 градови во 11 држави додека во речиси исто време треба да се одржи Олимпијадата во Токио, Јапонија, држава која е близу до Кина и Јужна Кореја.
Австралија почнува со вонреден план заради коронавирусот, американскиот претседтаел Доналд Трамп тврди дека ризикот од ширење на тој вирус во САД е „многу низок”.
Весникот Гардијан нагласува дека загубите на берзите во Азија се зголемуваат.
Весникот Индипендент наведува дека на пациентите во Велика Британија може да им биде откажано лекување ако болниците од системот на британската Национална здравствена служба се пренатрупани поради вирусот Ковид-19. Лекари во таа држава стравуваат декла ако во државата избие епидемија, интензивните одделенија ќе бидат во многу тешка ситуација. Тие имаат предвид план за кризни ситуации според кој се предвидува секоја болница да има три лица определени како консултанти. Тие ќе решаваат за приоритет за грижа за здравјето за пациентите. Во таква состојба, нагласуваат тие, може да се откажуваат операции и да бидат оштетени други пациенти кои не се болни од вирусот.
Телеграф пишува дека британските министри ги повикале работодавачите да не ги затвораат фирмите. Таков повик има и до училиштата и покрај опасноста од ширењето на новиот коронавирус. Засега таму се затворени 35 училишта и не работат стротици фирми. Се повеќе Британци ги откажуваат патувањата и одмнорите во странство.
Њујорк Тајмс забележува на темата дека неколку врвни здравствени експерти се исто толку оптимистички како и Трамп, кој рече дека нема голем ризик за Американците, но тие сепак понудиле потрезвена проценка на опасностите.
Весникот додава дека американскиот претседател не ја отфрлил можноста за наметнување на ограничувања за патување во САД. Може, освен за од Кина на пример, да се воведат забрани за луѓе от сериозно погодени земји како што се Италија и Јужна Кореја.
Публикациите во САД, исто така, привлекуваат внимание на пациент заразен со вирусот во Калифорнија, кој може да биде првиот случај во САД на инфекција, а кој не патувал во странство. Според Њујорк Тајмс „Пациентот немал контакт со лице заразено со вирусот и не патувал надвор до држава погодена од вирусот. Имајќи ги предвид тие околности, Центарот за контрола и превенција на болести во САД соопшти дека ова може да биде првиот случај на внатрешно ширење на вирусот во САД.
Економијата на Кина претрпува штета и нејзиниот претседател е под притисок да ги укине ограничувањата заради коронавирусот, пишува Вол Стрит Џурнал. Економска штета на Кина од епидемијата е предвизвик и за кинеските власти кои се пред мачно решение: кога да ги прекинат карантин ограничувањата што го задушуваат економскиот раст, иако тие помагаат во спречување на епидемијата, пишува весникот. Директорите на компанијата и претставниците на локалната самоуправа се повеќе отворено зборуваат за потребата од воспоставување правила за отворање фабрики и враќање на работниците, за враќање во функција на синџирите на снабдување во многу области на земјата каде економската активност е практично парализирана.