Рускиот претседател, Владимир Путин, го посети првиот голем затворен тематски парк, кој всушност претставува руска верзија на Дизниленд, за кој Москва вели дека ќе биде најголем од ваков вид во Европа, јавија руските медиуми.
Тематскиот парк наречен Остров на соништата е изграден во форма на замок на површина од 30 хектари во индустриската област на јужна Москва.
Меѓу првите посетители на забавниот парк беа жители на старски домови и деца од сиромашни семејства.
Во придружба на градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, Путин го обиколи паркот, разговараше со децата и се сликаше со нив.
Според Собјанин, Островот на соништата е изграден за три години на местото на фабриката за автомобили „Лихачов“. Покрај забавниот парк, таму има и технолошки парк.
„Се работи за огромен тематски парк, најголемиот затворен забавен парк во Европа“, истакна градоначалникот.
Тој додаде дека станува збор за приватен проект во кој се вложени приближно 1,5 милијарда долари.
Островот на соништата е првиот во Русија и најголемиот затворен забавен парк во Европа.
Руската верзија на Дизниленд ќе биде единствена во светот и во однос на националните карактеристики.
Повеќе од половина тематски зони ќе бидат посветени на руски и советски анимирани филмови, но ќе бидат застапени и ликови од странски земји: Шрек, Кунг Фу Панда, јунаците од серијалот Мадагаскар и други.