Јовески: Со Законот за ЈО се елиминираат политичките влијанија

Со новиот Закон за јавно обвинителство Основото јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција има поинаква поставеност во рамките на јавнообвинителската мрежа, како во делот на неговата финансиска самостојност, така и во делот на постапувањето во предметите. Така што јавниот обвинител на Република Северна Македонија не може да преземе предмети од негова надлежност без согласност на јавниот обвинител кој раководи со ова јавно обвинителство, вели во интервју за МИА државниот јавен обвинител Љубомир Јовески.

Посочува дека се елиминираат политичките влијанија во изборот на обвинителот кој ќе раководи со ова јавно обвинителство, бидејќи со новиот Закон се предвидени решенија тој јавен обвинител да го бираат јавните обвинители на непосредни избори.Според Јовески, ваквата поставеност на ова обвинителство е доволна гаранција дека ќе може успешно да се справува со тешките кривични дела и корупцијата.

Се овозможува и Обвинителството да продолжи да постапува постапува по сите предмети што ги отвори СЈО. Тврди дека новото законско решение не значи скриена амнестија на определени сторители на кривични дела.

Обвинителе Јовески,  Собранието по речиси една година и многу тензии го донесе Законот за јавно обвинителство. Кои се поволностите за обвинителите што ги нуди ова законско решение и сметате ли дека со него ќе се тргнат партиските влијанија од обвинителството?

-Во постапката за изготвување на новиот Закон за јавно обвинителство, која  што траеше долго преку година и половина можеби заради партиските препукувања пошироката јавност остана осиромашена за да ги дознае клучните решенија на новиот Закон за ЈО. Пред сè Законот ја воспоставува кариерата на јавните обвинители што значи дека во повисоките јавни обвинителства ќе може да се дојде само со претходно искуство во пониските јавни обвинителства.

И новиот Закон го задржува принципот на подреденост на обвинителствата, но ја нагласува самостојноста на јавниот обвинител во постапувањето по конкретните предмети, но исто така од друга страна ја изострува неговата одговорност со оглед на тоа што се предвидени подруги основи за одговорност на јавниот обвинител.

Значаен сегмент е и финансиската самостојност на јавното обвинителство, со оглед на тоа што се предвидува за потребите на јавното обвинителство да се одвојува најмалку 0,4 отсто од Буџетот на Републиката. Но, покрај овие има и други решенија кои што ја унапредуваат организацијата и работата на јавното обвинителство, како на пример положбата на Основото јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, која сега е со нагласена самостојност не само во делот на постапувањето на предметите, туку и во делот на неговата финасиска самостојност.

Опозицијата обвинува дека со Законот ќе се задоволат нечии дневно-политички потреби и дека со него се прави обид да амнестија на функционери на актуелната власт. Ваш коментар на ова?

-Мислам дека таквото становиште нема основи во Законот. Да истакнам дека Законот правеше една организација на јавното обвинителство да го издигне на ниво на професионален и неселективен орган и во него се содржани решенија кои што, ако мислите на предметите на Специјалното јавно обвинителство, обезбедува овие предмети понатаму да продолжат со постапката. Меѓутоа мора да укажам дека во завршните одредби, земајќи го предвид и начелното правно мислење на Врховниот суд, дека прислушуваните материјали се користат во оние предмети кои се поднесени во Судот до 30  јуни 2017 година, а потоа Обвинителството исто така ќе може да ги користи како индиции овие материјали, така да вкупно по сите предмети кои се отворени од страна на СЈО ова Обвинителство ќе може да постапува по нив. 

Дали ова може да се толкува како своевидна амнестија за постапки кои почнаа подоцна, како на пример „Талир”, „Попис”Пациент“?

 -Како што спомнав воопшто не може Законот да се смета дека е донесен со цел за амнестија на определени сторители на кривични дела, туку Законот само го пропишува користењето на прислушуваните материјали од страна на судовите и јавното обвинителство и тоа беше логично. Мора да укажам дека со влегувањето во сила на овој Закон престанува Законот за Специјалното јавно обвинителство и мораше да се разрешат во преодните и завршните одредби овие состојби, а всушност функцијата на овие одредби е да се премости тој период.

Законот во сила стапува на 30 јуни 2020 година, што во тој меѓупериод. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција предаде аудио снимки, кои вели дека ги добил од укажувач,  во врска со поранешниот премиер Зоран Заев. Како ќе се постапува во ваквите случаи и што доколку се појават и други „бомби”?

-Обвинителството до отпочнување со важност на новиот Закон за јавното обвинителство ќе работи по постојниот Закон и нема никакви ограничувања во делот на користењето на нови прислушувани разговори доколку се разбира има такви, ниту во делот на другите докази кои се неопходни за водење на постапките.

Дали ова решение нуди ефикасна борба против високата корупција, нешто што беше во надлежност на СЈО, а сега ќе биде во рацете на Основото јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, како таа би се зајакнала?

– Јас веќе спомнав дека Основото јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција сега има поинаква поставеност во рамките на јавнообвинителската мрежа, како во делот на неговата финансиска самостојност, така и во делот на постапувањето во предметите. Така што јавниот обвинител на Република Северна Македонија не може да преземе предмети од негова надлежност без согласност на јавниот обвинител кој раководи со ова јавно обвинителство.

Мора да истакнам дека се елиминираат политичките влијанија во изборот на обвинителот кој ќе раководи со ова јавно обвинителство, бидејќи со новиот Закон се предвидени решенија дека тој јавен обвинител ќе го бираат јавните обвинители на непосредни избори.

Според тоа, ваквата поставеност на ова обвинителство е доволна гаранција дека ќе може успешно да се справува со тешките кривични дела и корупцијата.

Според некои експерти Законот преку член 109 директно се меша во надлежноста на Советот на јавни обвинители. Колку е издржана оваа нивна констатација?

-Овој член од Законот предвидува Советот на јавните обвинители врз основа на предлог на обвинителот кој раководи со Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција  да го зголеми бројот на јавни обвинители во ова обвинителство, а потоа во определен рок да објави оглас за избор на обвинители во тоа обвинителство.

Според тоа, мислам дека воопшто не се ограничува надлежноста на Советот на јавни обвинители. Таа дилема беше истакната и имаше можеби некоја основаност во неа доколку Законот влезеше во сила со денот на неговото донесување или по одреден краток период. Со оглед дека Законот стапува во сила од 30 јуни годинава мислам дека е добро тоа решение.

Во јавноста се мислеше дека тоа е направено заради специјалните јавни обвинители да можат да се изберат во ова обвинителство, но законското решение не е такво. Советот е должен да го зголеми бројот, должен е да објави оглас на кој може да се јават сите обвинители и повторно Советот на јавни обвинители е тој што ќе избере врз основа на компетенциите на резултатите на јавните обвинители кој ќе биде избран во ова јавно обвинителство.

Имаме закон, некои го поздравија, некои го критикуваа, закони се носат но проблем има со имплементацијата. Што треба да се направи за вистински да заживеат решенија во законот, да се применуваат во пракса, а не да остане документ кој тешко го менува менталитетот и старите навики во нашето општество?

-Точно е дека битна е имплементацијата на новиот Закон за јавно обвинителство. Очекувам дека материјалните средства за работа на обвинителството ќе се зголемат, очекувам дека обвинителите ќе ги прифатат овие решенија и дека во рамките на постапувањето на предметите ќе се придржуваат до роковите од Законот за кривичната постапка и од Законот за јавното обвинителство. Очекувам дека Советот на јавните обвинители ќе ги пополни испразнетите места.

Но, во тој контекст морам да укажам дека јавното обвинителство работи со 40-тина јавни обвинители помалку, дека во основните јавни обвинителства може да се влезе со завршена Академија за судиии јавни обвинители, меѓутоа бројот на лицата кои ја завршуваат  Академијата не е доволен за да ги задоволи потребите на јавното обвинителство. Познато е дека се измени Законот за кривичната постапка, во надлежност на обвинителството премина истрагата и наместо да се зголеми бројот заради потребите на истрагата на јавни обвинители, тој број заради природниот одлив на обвинителите по пат на пензионирање драстично се намали.

Како ќе го решите недостигот на јавни обвинители?

-Обвинителството предлагаше повеќе решенија. Предлагаше да изостане практичниот дел кој слушателите на Академијата го посетуваат, туку само со теоретскиот дел да се полага завршниот испит. Притоа во Академијата да се примат кандидати кои што ќе го положат приемниот испит, а после теоретскиот дел да положат оние кандидати кои ќе го завршат овој теоретски дел, но наидовме на такво разбирање и веројатно во наредниот период или Академијата драстично ќе треба да го зголемува бројот на слушатели за потребите на обвинителството или да се бара некое друго решение.

Обвинителе Јовески кога очекувате да се разреши случајот „Рекет”?

 -Како што е познато на јавноста случајот „Рекет” е веќе во судска постапка. Колку што сум информиран деновиве веќе се пристапува кон изведување на доказите предложени од страна на одбраната и јас не може да предвидам точно кога ќе заврши овој предмет, со оглед на тоа дека раководењето со рочиштата во Судот се во надлежност на претседателот на Кривичниот совет кој постапува по овој предмет.

Лидерот на Демократски сојуз Павле Трајанов смета дека со објавување на нелегално снимени разговори се загрозува приватноста и правната сигурност на граѓаните. Ваш коментар за тоа?

-Точно е дека со нелегално прислушувани разговори се повредува приватноста, впрочем и затоа е предвидено кривично дело. Дека оној кој што има такви разговори прави кривично дело, но се разбира дека во определени случаи е тешко да се дојде до создателот на овие прислушувани разговори, дека Обвинителството во повеќе наврати преземаше во конкретни случи да се испита, да се обезбедат докази кој ги сочинил тие разговори, но за жал повторно велам дека навистина е тешко да се откријат сторителите на овие кривични дела. 

Како ги коментирате протести за „правда” на власта и опозицијата. Дали ги чувствувате како притисок?

-Не е добро јас да ги коментирам политичките дејствувања на партиите на власта или на опозицијата. Но во овој дел што ме прашувате дали ние тоа го сметаме како политички притисок, мислам дека не.  И можеби сите тие состојби нас не прават уште поцврсти во изградбата на едно ефикасно и неселективно обвинителство да бидеме на линија за владеење на правото и неселективен кривичен прогон.

Треба да знаете
Последни објави