Актуелниот македонски, регионален и европски машки ракометен првак Вардар, в сабота пред своите гледачи во СЦ „Јане Сандански“ (17.30 ч.) во 14. коло од групната фаза на Лигата на шампионите го пречека францускиот Монпелје. Вардар со 11 бода се наѓа на шестата позиција во групата, еден повеќе преднего има Порто. Целта на „црвено-црните“ е да направат исчекор понапред пред стартот на нокаут фазата за да добијата „полесен“ противник. Затоа треба да го совладаат Монпелје, но и да го чекаат исходот на Порто од гостувањето кај Мешков Брест. За да завршата како петтопласирани Вардар треба да победи, а Порто да загуби. Тоа е теоријата, а реалноста многу поинаква бидејќи Вардар кој во првиот меч го доби како гостин Монпелје со 33:31, сега е во финасиска, играчка и организациона криза, па иако е домаќин ја нема фаворитската улога. Ако заврши како шестто пласиран во осминафиналето најверојатно ќе се соочи со третопласираниот од групата А, унгарскиот Пик Сегед.
Фаворитската улога „црвено-црните“ му ја препуштаат на гостинот од Франција.
-Ситуацијата во нашиот клуб е таква каква што е. Играме на домашен терен против поранешен европски првак Монпелје, кој ја има фаворитската улога. Наше е да дадеме се од себе и да се обидеме да извлечеме колку можеме подобар резултат, порача капитенот Стојанче Стоилов на прес-конфернецијата во пресрет на саботниот дуел.
Дополнителни проблеми за тренерот Стевле Алушовски му направи вирусот кој ги одстрани од тренинзите Глеб Калараш и Сергеј Горбок.
-Не очекува тежок натпревар. Нашата примарна цел и пласманот во топ-16 ги остваривме на натпреварот со Мотор. Знаете дека имаме малку играчи на располагање, а вирозата која ги зафати Калараш и Горбок не доведе во ситуација да не можеме да направиме тренинг каков ни беше потребен. Но тоа нема да биде никакво алиби. Ќе го дадеме максимумот. Гледавме анализираме, она што можеме да го кажеме е дека ќе се бориме за секоја топка. Ние сме европски шампоини, домаќини сме, но ситуацијата во која се наоѓа клубот не ни дозволува да речам дека сме фаворити, вели тренерот Алушовски.