– Како дел од проектот „Помалку храна на депонија, а повеќе по домовите” денеска во Велес се одржа Форумот за проширување на идејата на Банката за храна. Целта е во земјава да се создаде систем кој постојано, 365 дена во годината ќе обезбеди барем малку достојна храна за оние на кои им е најпотребна, на гладните и сиромашните потенцира, Душко Христов основач и раководител на Банката на храна.
Според него во земјава 455 илјади граѓани немаат еден достоинствен оброк, а со храната што се фрла можат да се нахранат околу 15-тина илјади семејства со во просек по три членови, или тоа би значело дека од 45 до 50 илјади луѓе секојдневно би имале достоинствен оброк што би им се овозможил преку системот Банка за храна.
– Жалосно е што секојдневно на депониите во земјава завршуваат стотици тони храна која може да се искористи како храна за сиромашните, рече Христов.
Во Банката за храна имаат донации од некои од поголемите маркети и фирми, но тоа не дооволно.Тие прават напори на сиромашните семејства да им овозможат тие сами да произведуваат храна, како на пример производство на јајца од кокошки, а потоа и чување кози и друга живина, а тоа што од произведената храна ќе им остане и да го продаваат.
Како што појаснува за МИА, Душко Христов нивното мото е да не ги хранат депониите, бидејќи храната произведена од луѓе треба да биде изедена од луѓе.
Тој појаснува дека освен социјално загрозените семејства за кои се грижат Центрите за социјална работа, нивниот акцент како Банка за храна е ставен на семејствата со ниски примања или самохрани родители, кои работат, а не можат да си дозволат доволно храна.
Христов информира дека Банкарстото за храна засега има подршка од локалните власти, во Општината Центар во Скопје. Потоа имаат одлична соработка со градоначалникот на Општина Кавадарци, каде што имаат и простор и возило и доволно средства за функионирање на Банката за храна. Тие имаат и поддршка од Општините Охрид, Свети Николе, Чаир ,а се прават напори да заживее и во Велес и други градови.
Тој најави дека во таа насока со заменик градоначалникот на Општина Велес и претседателот на Советот Ненад Коциќ се прават напори за обезбедување на магацински простори и возило за Банката за храна и со тоа Велес наскоро да биде вклучен во Банката за храна.
Христов за МИА, појасни дека освен обезбедување на храна за сиромашните, тие работат и на измени и дополнувања на одредени законски одредби во државата. Тој како пример наведе дека се уште во земјава нема термин „вишок на храна” и дека тие минатата година издејствувале кај надлежните тој закон да се вика Закон за донирање на вишок на храна.
-Тој закон ќе ги дава насоките и условите за донирање на тој вишок на храна. Така во една категорија ги ставаме операторите со храна, а тоа се производители, дистрибутери и продавачи. Тие ќе треба да бидат малку повеќе будни ако се донесе тој закон, а ние се надеваме дека ќе се донесе, појасни Христов.
Имено, денешниот Форум во Велес беше дел од Проектот „Помалку храна на депонија,а повеќе по домовите” кој се реализира во рамки на ИПА Програмата 2016-2017,поддржан од ЕУ, а во Велес го реализира Здружението „Бирлик Јекипе”.