Шест златни и еден сребрен медал за вината на „Стоби” е резултатот што го постигна оваа винарница на престижниот меѓународен вински натпревар „Мундус вини” кој пред неколку дена се одржа во Германија.
Врвниот квалитет и уникатниот, препознатлив вкус беа пресудни за стручното жири на овој натпревар да им додели највисоки признанија на вината „Веритас” од бербите од 2015, 2016 и 2017 година, „Ркацители” и „Стоби Куве” од 2019 година и на „Аксиос” од бербата од 2015 година, додека со сребро се закити виното „Вранец” од бербата од 2018 година. Покрај освоените медали, винарницата „Стоби” доби и признание за најдобар производител од Северна Македонија, со што го заокружи исклучително успешното претставување на годинешното издание на „Мундус вини”.
– Успехот што го постигнавме на овој престижен натпревар е огромен бидејќи нашите вина освоија највисоки признанија во конкуренција на повеќе од 7.500 вина од целиот свет. Навистина е огромна чест и задоволство да се освојат шест златни медали во најсилната светска конкуренција, но во исто време тоа ни наметнува уште поголема обврска да продолжиме да креираме вина кои по својот квалитет ќе стојат рамо до рамо со најпознатите вински производители од целиот свет – изјави Ана Јорданова, креативен директор на винарницата „Стоби”.
„Мундус вини” е еден од најпознатите и најценетите вински натпревари во светот. Квалитетот на пристигнатите вина го оценува меѓународно стручно жири составено од висококвалификувани судии – енолози, вински аналитичари, трговци со вино, сомелиери и новинари кои ја следат светската винска индустрија. Наградените вина на „Стоби” на годинешното издание на овој натпревар ќе бидат изложени пред стручната јавност и посетителите на еден од најголемите вински саеми во светот, „Провајн” во Дизелдорф, што ќе се одржи следниот месец.