Италијанската Влада повика за меѓународна поддршка во напорите за спречување на ширењето на инфекцијата со новиот коронавирус во државата, каде што бројот на заразени достигна 477, а бројот на починати од петокот досега – 12.
Инфицираните лица кои дошле од Италија, ја пренеле болеста во неколку земји во Европа, па дури и во Бразил, која стана првата земја од Јужна Америка каде го има вирусот. Владата на Џузепе Конте ги повика своите европски соседи на соработка, а не за изолација и дискриминација.
– Вирусите не знаат граници и тие не ги запираат, рече министерот за здравство Роберто Сперанца на почетокот на кризната средба во Рим со претставници на Светската здравствена организација и Европската унија.
Кабинетот на Конте го бранеше начинот на кој се реагира во вонредната ситуација во државата, но ја потврди нејзината неможност да го открие потеклото на двете жаришта на зараза во северните провинции Ломбардија и Венето.