Се откажува одбележувањето на Денот на ретките болести во Скопје

Одбележувањето на Денот на ретките болести во Скопје, што беше најавено за утре, се откажува по препораките на Владата за одложување на сите јавни собири поради коронавирусот.

„Со огромно разочарување објавуваме дека планираниот јавен настан за одбележување на Денот на ретките болести на 29 февруари го одложуваме поради дадените препораки од страна на Владата на РСМ. Искрено се надеваме дека Вашата поддршка и желба да се дружиме ќе ја задржите за датумот што дополнително ќе го договориме и објавиме. Им се извинуваме на сите доколку планиравте да поминете дел од претстојниот викенд со нас, но здравјето е најважно и приоритет за сите, не само за пациентите со ретки болести, па да се придржуваме до мерките и препораките издадени од официјалните институции“, соопштија од Националната алијанса за ретки болести на Р. Македонија (НАРБМ).

Настанот требаше да се одржи во ГТЦ со почеток во 12 часот.

Владата денеска даде препорака да се одложат поголемите јавни собири што се планирани во овој период, како што се Струмичкиот карневал, карневалот за Прочка во Прилеп и слични, сè до 6 март. Владата им препорача на организаторите на спортските настани натпреварите во утврдениот период до 6 март да се играат без публика. Истата препорака на Владата се однесува и на сите други поголеми забавни и културно-уметнички манифестации.

Треба да знаете
Последни објави