Она што го спомена лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во текот на вчерашниот ТВ-дуел со првиот човек на опозициската ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски, денеска го образложи портпаролот на владејачката партија, Костадин Костадинов.
Костадинов, покажувајќи документи, рече дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, во периодот кога бил директор на АД Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) сега ЕСМ, прво склучил Договор за адвокатски и советодавни услуги со Панче Тошковски, од ВМРО-ДПМНЕ, на износ од 1.600.000 денари или 25.000 евра, за период од две години. Само 5 месеци подоцна, во март 2017 година, Мицкоски склучил нов договор со Тошковски, вреден нови 8.850.000 денари односно 143.000 евра, за адвокатски услуги.
Според Костадинов, Тошковски е многу близок пријател на Мицкоски и човек кој беше дел од преговарачкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ за Законот за јавно обвинителство.