Дваесетипрвото коло од прволигашката сцена во мак-фудбалот почна со два натпреаври без присуство на гледачи, но и без постигнати голови. Во Скопје соседското дерби меѓу најтрофејните тимови на домашната сцена Вардар и Работнички и во Струга каде истоимениот дебитант го пречека најпријатното изненадување сезонава Силекс мрежите мируваа (0:0).
И преостанатите три натпреаври за комплетирање на колот кои се закажани за утре: Шкендија – Македонија ЃП, Академија Пандев – Борец и Шкупи – Ренова ќе се играат без присуство на гледачи, поради превентивното делување против коронавирусот.
Најтрофејниот и лидер Вардар ќе жали што не освои цел плен против Работнички кој грчевито се бори за бекство од опасната зона. Дарко Мицевски во последните мигови од мечот кога се играше судиското продолжение не реализира пенал. Неговиот удар го прочита младинскиот репрезентативен голман Ристе Јанков кој доби доверба да влезе во игра од клупата поради повреда на првиот чувар на мрежата кај „романтичарите“ Дамјан Шишковски. Судијата Јосип Бартон покажа на белата точка по акцијата на Даниел Аврамовски и Бојан Колевски, во која еден фудбалер на Работнички ја удри топката со рака.
Работнички имаше свои „пет минути“ во првиот дел од средбата, а Вардар во вториот, но патот до мрежата на противникот не беше пронајден.
ПРВА ЛИГА, 21. КОЛО (14 ЧАСОТ)
Струга Трим Лум – Силекс 0-0
Вардар – Работнички 0-0
УТРЕ
Тетово: Шкендија – Македонија ЃП
Струмица: Академија Пандев – Борец
Чаир:Шкупи – Ренова
ТАБЕЛА: Вардар 43 бода, Шкендија 32 (20 меча), Силекс 32 (21), Македонија ЃП 29 (20), А. Пандев 27 (20), Шкупи 25 (20), Струга ТЛ 25, Ренова 22 (20), Работнички 22, Борец 20 (20).