Денеска на мое големо задоволство сум во посета на компанијата Дојран стил од населеното место Николиќ. Станува збор за компанија со странски, грчки капитал, со регистрирана дејност за производство на производи од железо и челик и е 70% извозно ориентирана со 360 вработени, што претставува еден од посериозните стопански субјекти не само за Општина Дојран туку и за југоисточниот дел на нашата земја.
Денеска бевме информирани од менаџментот на компанијата, дека компанијата сака да се шири и да го зголемува своето производство, локацијата овде до нив е веќе планирана и обезбедена, градоначалникот работи на урбанистичките планови. Сето тоа покажува дека инвеститорите се охрабрени да ги зголемуваат своите инвестиции.
Како партија предводник на Владата во изминатите помалку од три години покажавме што значи сериозна грижа и поддршка за бизнис секторот, сериозна грижа за работниците.
Преку одговорни и успешни политики ја кренавме економијата и ја поставивме на стабилни и реални основи. Напредокот во економијата е потврден преку бројни податоци, како што е растот на просечната и минималната плата, падот на невработеноста на историски најнизок процент, растот на извозот и индустриското производство.
Тоа ни дава право, но и мотив да продолжиме да работиме уште помакотрпно во обезбедување на економски раст и повисок животен стандард за сите граѓани.
Сега следуваат четири години мандат за најголемиот скок на нашата, македонската економија.
Следува рекордно намалување на невработеноста и рекорден раст на платите. Создаваме мерки и политики со кои Северна Македонија станува земја со ниска невработеност, држава во која платите растат брзо во сите сектори, држава во која поддршката кон стопанството постојано се зголемува.
До крајот на мандатот, до 2024 година, се обврзуваме да отвориме 100.000 нови работни места. Ако можевме за 2,5 години да отвориме 60.000 работни места главно во реалниот сектор, знаеме и можеме за полн мандат од 4 години да отвориме 100.000 нови работни места.
Поддршката за домашни и странски инвестиции ја зголемуваме на 300 милиони евра до крајот на мандатот, дополнително, проектираме уште 300 милиони евра европски средства за развој на домашната економија. Тоа се вкупно 600 милиони евра за развој на бизнисот, за развој на домашната економија.
На овој начин, невработеноста ќе ја донесеме под 8%, односно под 20% кај младите.
Покажавме дека платите можат да растат во сите сектори. За само две и пол години просечната плата ја зголемивме на 450 евра.
Затоа, во новиот мандат растот на платите продолжува и тој ќе биде и побрз. Просечната плата ќе порасне на 36.000 денари, а минималната на 18.000 денари.
Продолжува и субвенционирањето на придонесите за сите компании кои ќе ги зголемат платите од 600 до 6000 денари по вработен, а за младите вработени до 29 години воведуваме поврат на персонален данок во првите две години од вработувањето.
Со сите реформи и политики што ги спроведовме за овие 2 години и девет месеци покажавме како се работи чесно и одговорно и на домашен и на надворешен план. Извесното членство во НАТО и напредокот во интеграцијата кон ЕУ отворија нови перспективи за државата и економија.
Со официјализирањето на членството во НАТО и со започнување на преговорите со ЕУ ќе се интензивира економската активност, ќе може да сметаме на повеќе инвестиции, повеќе нови работни места, поголем економски раст, а сето тоа значи повеќе пари во секое семејство.
Затоа е важно овој пат на напредок, на соработка со соседите, на интеграција да продолжи и по 12 април.
Убеден сум дека граѓаните ја препознаваат нашата чесна понуда наспроти лажните ветувања и убеден сум дека ќе застанат зад нас и заедно ќе продолжиме по вистинскиот пат, пат кон економски раст и развој и силна економија.
Продолжуваме со работа, уште повеќе, и уште подобро и по победата на 12 април.