Економските бенефити се само дел од придобивките кои ги носи членството во НАТО и тие се многу јасни и опипливи. Во 2018 година зголемен е обемот на инвестиции од државите членки на НАТО за 64 проценти во однос на 2017 година кога Црна Гора стана членка на НАТО, а до денес обемот на инвестиции изнесува 1,3 милијарди евра, од кои само лани инвестициите од земји членки на НАТО се 248 милиони, вели во интервју за МИА амбасадорката на Црна Гора Марија Петровиќ.
-Постојат и други конкретни придобивки кои произлегуваат од интеграцијата во НАТО системот на кодификации. Ние забележавме и раст на приходите во индустриското производство, во пристанишните шпедитерски услуги. Во ЦГ е многу важен и растот на приходи од туризмот со оглед дека стопанството на земјата особено се потпира на туризмот. Ние забележавме раст на бројот на туристи од НАТО земјите за околу 25 отсто. Значи за мали држави како што е Црна Гора членството во најмоќната организација на светот подразбира гаранција на деловниот и инвестицискиот амбиент, а исто така влијае и на економските потенцијали, рече амбасадорката Петровиќ.
Во однос на членството во ЕУ, црногорската амбасадорка посочува дека Подгорица ги почна преговорите со Унијата во 2012 година, пред осум години и е најнапредната земја во регионот кога станува збор за преговарачкиот процес. Досега отворија 32 од 33 поглавја, а очекуваат во најскоро време да го отворат и последното преговарачко поглавје 8 (конкурентност). Привремено затвориле три преговарачки поглавја, а во текот на целиот преговарачки процес Црна Гора во фокусот на своите активности, вели, го стави владеењето на правото – поглавјата 23 и 24 кои со себе носат најголеми предизвици. Сепак, иако не се обврзани, Црна Гора не исклучува можност да ја прифати новата методологија ако таа носи поголеми придобивки во однос на побрза евроинтеграција на земјата.
-Се чини дека новата методологија дава една политичка димензија на преговарачкиот процес, инсистира на политичкиот дијалог што го чини овој нов пристап, политички пристап за разлика од претходниот кој беше повеќе административен и бирократски. Црна Гора заедно со своите европски партнери ќе ги согледа сите аспекти и кога ќе процени во која мерка таа нова методологија ќе влијае на наша побрза динамика кон ЕУ и на поквалитетен преговарачки процес тогаш ќе се изјасниме, вели Петровиќ.
Како ги оценувате билатералните односи на реалција Црна Гора – Северна Македонија?
Црна Гора и РСМ имаат навистина одлични односи, многу пријателски кои ги карактеризира интензивен политички дијалог, и содржинска соработка во речиси сите области. Традиционалната блискост на нашите држави и заедничката историја упатуваат на таа одлична соработка. Од друга страна и РСМ и Црна Гора се и тоа како горди на своите националности и претставуваат навистина примери на еден верски и културен соживот во регионот. Двете држави исто така делат заеднички европски и евроатлантски цели, а исто така имаат, може да кажам, и ист поглед на отворените прашања во регионот, но и на отворените прашања во поширокото опкружување што упатува на многу развиена соработка и во регионалните и мултилатералните рамки.
На линија на нашата навистина искрена поддршка за РСМ да стане што поскоро членка на НАТО, развиена е и соработка во областа на евроатлантските интеграции. Таа соработка сигурно ќе биде дополнително интензивирана многу брзо, се надеваме наредниот месец кога се очекува и формализација на членството на Северна Македонија во Алијансата. Ние одлично соработуваме и во рамки на европските интеграции со оглед дека Црна Гора е држава која има и најдолг преговарачки стаж во регионот. Ние навистина досега покажувавме спремност сите наши искуства кои ги стекнавме во текот на тој преговарачки процес да ги споделиме со нашите македонски пријатели. Во наредниот период откако Северна Македонија ќе добие зелено светло за почеток на преговорите на што искрено се надеваме дека ќе се случи многу брзо, соработката и во таа област ќе биде значително унапредена.
За меѓусебната посветеност на унапредување на билатералните односи најдобро сведочи и интензивниот политички дијалог и контактите на највисоко ниво. Ќе потсетам дека во октомври, минатата година е реализирана посета на претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ на РСМ. Таа посета имаше своевидна симболика бидејќи претставуваше прва посета на странски државник по стапувањето на должност на претседателот Стево Пендаровски. Исто така, во мај минатата година имавме посета на поранешниот премиер Зоран Заев на Црна Гора. Тогаш ја одржавме првата заедничка седница на владите на двете држави и во таа прилика се потпишани низа државни спогодби, а одржан е и Бизнис форум меѓу стопанственици. Ние сме многу горди и на соработката што е остварена во областа на внатрешните работи, на одбраната и културата. За жал можеме да оцениме дека економската и туристичката размена не е на нивото на можностите и ова се областите што ги идентификувавме како области на кои треба да работиме во наредниот период. Предуслов за поголема економска и трговска размена секако е и подобрата инфраструктурна поврзаност и токму тоа е во фокусот на нашите напори. Во таа смисла многу интензивно се разгледува идејата за повторно воспоставување директна авиолинија на релација Подгорица – Скопје. Очекуваме дека ќе имаме некои конкретни резултати во претстојниот период.
Секако фреквентниот политички дијалог, посветеноста на двете страни на натамошно унапредување на нашите односи, честите стопански и работни контакти упатуваат на заклучок дека билатералните односи ќе одат во нагорна линија во идниот период.
Црна Гора и С Македонија освен заедничко минато во поранешна СФРЈугославија делат и заеднички стартешки приоритети ЕУ и НАТО интеграциите. Вие сте веќе членка на НАТО од 2017, а ние очекуваме тоа да се случи наредниот месец. Кои се придобивките и бенефитите од членството во Алијансата?
-Црна Гора пред повеќе од деценија го препозна НАТО како најдобар гарант на својата стабилност и безбедност и денес по повеќе од две и пол години членство во НАТО ние сме убедени дека нашиот пример треба да го следат и останатите држави во регионот. НАТО е најдобар гарант на долгорочната безбедност и стабилност особено во нашиот трусен балкански регион. Во досегашниот период остварени се конкретни резултати, опипливи се бенефити. ЦГ тоа свое членство го сфати не само како привилегија, туку и како обврска во контиунитет да ги спроведува сите стандарди и обврски кои произлегуваат од членството и денес можеме да кажаме дека со посветеност на нашите институции во потполност сме инкорпорирани во тој колективен систем на одбрана. Да подвлечам, токму како за С Македонија, така и за Црна Гора членството во НАТО е стратешки и вредносен избор, цивилизациски исчекор кој ги надминува рамките на дневната политика. Бенефитите од членството се јасни и опипливи. НАТО е сојуз на демократии, постојана коалиција на демократии со сите свои воени и дипломатски предности кои членството ги носи со себе.
Кога се зборува за предностите од членството често се говори само за предноста од колективниот систем на одбрана, што е секако и најважната придобивка, но треба да се напомене дека ни е многу важна и компонентата која подразбира можност за заштита на воздушниот простор, која ја даваат НАТО сојузниците. За Црна Гора со оглед на нејзината геополитичка положба, на нејзината големина и на лимитираните ресурси, многу е значајна помошта која сојузниците ни ја пружаат за заштита на воздушниот простор. Од друга страна, НАТО не е само воена и политичка Алијанса. Ние имаме развиено цивилна компонента која, исто така, има свои бенефити, а се однесува на помошта во случај на вонредни ситуции како различни природни катастрофи и други кризни ситуации.
Економските бенефити се исто така многу јасни и опипливи. Во 2018 година зголемен е обемот на инвестиции од државите членки на НАТО за 64 проценти во однос на 2017 година кога Црна Гора стана членка на НАТО. Во периодот од членството до денес обемот на инвестиции изнесува една милијарда и 300 милиони, од кои само лани инвестициите од земји членки во НАТО се 248 милиони. Постојат и други конкретни придобивки кои произлегуваат од интеграцијата во НАТО системот на кодификации. Ние забележавме и раст на приходите во индустриското производство, во пристанишните шпедитерски услуги. Во ЦГ е многу важен и растот на приходи од туризмот со оглед дека стопанството на земјата особено се потпира на туризмот. Ние забележавме раст на бројот на туристи од НАТО земјите за околу 25 отсто. Значи за мали држави како што е Црна Гора членството во најмоќната организација на светот подразбира гаранција на деловниот и инвестицискиот амбиент, а исто така влијае и на економските потенцијали.
Една од клучните придобивки од членството во НАТО треба да биде стабилноста и безбедноста на земјата. Сепак, ЦГ се соочува со внатрешно-политички како и надворешни закани, особено во модерна хибридна форма. Колку тоа може да ја наруши стабилноста и безбедноста на земјата и дали препознавате од каде доаѓаат тие закани?
-Актуелните случувања во ЦГ и во регионот, а ќе потсетам и на случувањата на денот на парламентарните избори во ЦГ во 2016 година како и на формализацијата на нашето полноправно членство во НАТО ни даваат за право навистина да тврдиме дека постојат многу интензивни хибридни закани и многу интензивни хибридни напади не само во ЦГ туку и во регионот. Значи државите од регионот се соочуваат со овој предизвик и ние сфаќајќи ја сериозноста на ситуацијата одговорно пристапивме кон изработка и креирање законодавни и национални капацитети што ќе ни овозможат подобро да се справиме со тие современи облици на војување. Во оваа смисла одржуваме интензивна комуникција со нашите НАТО сојузници. По тој повод НАТО тим за хибридни закани престојуваше во ЦГ кон крајот на минатат гподина. Во таа прилика се разменети искуства и ние добивме значајна поддршка токму во јакнење на националните капацитети и институционалните механизми за подобро да одговориме на тие закани. Покрај таа комуникација во рамки на НАТО, ние минатата година, во мај станавме членка на Европскиот центар за извонредност и борба против хибридни закани кој се наоѓа во Хелсинки и сите тие активности значајно придонесоа за наша подобра подготвеност во однос на предизвиците со кои се соочуваме. Да повторам, регионот се соочува со предизвиците кои ги носат хибридните закани и регионот и вие С Македонија, токму поради специфичниот историски и политички момент во кој се наоѓате, токму затоа тоа е простор во кој ЦГ може да ги размени своите искуства и тоа е област во која треба уште поинтензивно и поодбор да соработуваме во наредниот период.
Подгорица од 2012 води пристапни преговори со ЕУ и треба да го отвори и последното поглавје (поглавје 8 -конкурентност). Какви се искуствата од преговорите со Брисел досега, колку суштински се спроведени реформите во општетството кои се барани од ЕУ?
– Членството во ЕУ ние одамна го дефиниравме како приоритетна надворешно – политичка цел и многу одговорно пристапивме кон спроведувањето на реформските активности, имплементација на обврските од европската агенда и усвојувањето на европските вредности. Со оглед дека преговарачкиот процес е двонасочен ние сме многу охрабрени од пораките кои во последно време доаѓаат од ЕУ и од таа нова енергија која новиот состав на ЕК му ја дава на преговарачкиот процес. Тоа ни ја враќа надежта дека проширувањето е повторно во фокусот на европската политика. ЦГ ги почна преговорите пред осум години и ние сме најнапредната земја во регионот кога зборуваме за преговарачкиот процес. Досега отворивме 32 од 33 поглавја. Остана да отвориме уште едно поглавје. Кон крајот на минатата година добивме и официјална потврда од ЕУ за исполнетост на мерилата за почеток на преговорите и во тоа последно поглавје, а тоа е поглавјето 8 – за конкурентност. Ние очекуваме во најскоро време да го отвориме и последното преговарачко поглавје. Привремено затворивме три преговарачки поглавја. Во текот на целиот преговарачки процес Црна Гора во фокусот на своите активности го стави владеењето на правото како темел за развој на демократското општество. Тоа се поглавјата 23 и 24 кои со себе носат најголеми предизвици. Меѓутоа ние успеавме до сега да гo исполниме поголемиот дел од вкупно 83 мерки и нашиот напредок кој е постигнат во оваа област е препознаен во помалку или повеќе сите извештаи на ЕК. Во врска со ова очекуваме до крајот на годинава уште повеќе да nапредуваме и на некој начин да се создадат услови да влеземе во најизискувачката последна фаза од преговарачкиот процес. Како што веќе реков Црна Гора во целост е отворена и подготвена да ги пренесе своите искуства од досегашниот преговарачки процес на Северна Македонија, како овој процес би бил за вас поквалитетен и би напредувале сo подобра динамика на тој европски пат.
Каков е ставот на официјална Подгорица за новата методологија за пристапување предложена од ЕК, а за која дебатата е сеуште во тек?
-Како одговорен партнер и како земја која најдолго преговара во регионот ние навистина ги разбираме причините и мотивите поради кои ЕК се определи да го ревидира преговарачкиот процес. Со самото тоа ние ја поддржуваме намерата на ЕУ тој процес да го направи што поквалитетен и да ја забрза динамиката со цел поскоро остварување на конечната цел – членство во ЕУ, со истовремено поставување на јасни и недвосмислени правила за побрз напредок, но и за реверзибилност во случај одредена држава да не напредува со посакуваната динамика. Како што реков, ние многу одговорно пристапивме на нашите преговори и како земја која најдолго преговара иако немаме обврска да ја прифатиме новата методологија, што го цениме како еден гест на партнерски однос и признание од ЕУ за остварените резултати, ние многу темелно ги проучуваме сите аспекти, односно сите сегменти на таа нова методологија за да видиме кои се тие нови вредности кои можат да и помогнат на Црна Гора побрзо и поквалитетно да напредува на европскиот пат. Ние сме многу охрабрени од фактот дека со новата методологија се потврдува извесна европска перспектива за државите од Западен Балкан. Исто така, го поздравуваме фактот што се задржува принципот на индивидуална проценка на напредокот од државите членки, како и што во прв план се става квалитетот на реформи и на процесот пред квантитетот и бирократското исполнување на условите.
Се чини дека новата методологија дава една политичка димензија на преговарачкиот процес, инсистира на политичкиот дијалог што го чини овој нов пристап, политички пристап за разлика од претходниот кој би кажала беше повеќе административен и бирократски. Ние, повторувам, ќе ги согледаме сите тие аспекти на новата методологија кога ќе биде јасно како сето тоа ќе изгледа и секако ќе видиме како да ги искористиме бенефитите која таа со себе ги носи.
Дали тоа значи дека е можно да биде прифатена новата методологија откако ќе биде објавена?
-Како што реков Црна Гора заедно со своите европски партнери ќе ги согледа сите аспекти и кога ќе процени во која мерка таа нова методологија ќе влијае на наша побрза динамика кон ЕУ и на поквалитетен преговарачки процес тогаш ќе се изјасниме.
Законот за слобода на вероисповеста ги бранува состојбите во земјата но и со соседна Србија. Дали во ова препознавате неккави сценарија за дестабилизација на земјата и регионот?
Со Законот за слобода на вероисповедта се гарантира слободата на вероисповедта или уверувањата потоа се дефинира правната положба на верските заедници и исто така се гарантира уставниот принцип за одвоеност на црквата од државата.Да потсетам работата на овој закон траеше пет години со еден широк и инклузивен дијалог на сите заинтересирани страни како со верски заедници, така и со меѓународни организации и партнери, во прв ред со Венецијанската комисија чии препораки целосно ги прифативме и инкорпориравме во законскиот текст. Со новиот закон се менуваат застарените законски решенија уште од времето на СФРЈугославија од 1977 година кои одговараа на еден целосно поинаков историски и политички контекст. Со овој закон Црна Гора дополнително се хармонизира со европските стандарди во оваа област и на никаков начин не се загрозуваат ниту слободата на вероисповедта, ниту имотот, ниту светиите на црквата, ниту на која било верска заедница во Црна Гора. По овој повод сведоци сме дека е покрената една интензивна кампања насочена кон граѓанска мултиетничка и мултиверска Црна Гора и нејзините институции. Може да кажеме дека тоа легитимно прашање на уредување на односите помеѓу црквата и државата е поместено на терен на строго политичко делување, а верските собири прераснаа во политички протести насочени кон дестабилизација на Црна Гора и нејзиниот граѓански поредок. Со една крајно непримерена кампања многу свесно се манипулира со емоциите на луѓето, а државата Црна Гора се обвинува дека се обидува и дека има намера да одзема светилишта или да ја менува нивната намена. Напоменувам дека со новиот закон се гарантира слободата на вероисповедта и уверувањата, а државата согласно Уставот е должна да го штити имотот, културните добра кои им припаѓаат на сите граѓани, но и да обезбеди законот да важи подеднакво за сите. Тоа значи истовремено дека во Црна Гора ниту една верска заедница неможе да биде над или вон законот, неможе да биде над или вон Уставот. Црна Гора е модерна европска држава, една мултиверска и мултиетничка демократија, држава која гордо се надоврзува на слободарските идеи на антифашизмот и како таква нема да дозволи на големи националистички и други кругови да го доведуваат во прашање нејзиниот демократски карактер. Нема да дозволиме од нашата граѓанска држава да се прави средновековна теократска држава. И ова е мнозинска волја, глас на мнозинството во Црна Гора кој е јасно изразен на референдумот но и на сите досегашни избори.
Црногорскиот народ носи едно тешко историско бреме. Ние длабоко поучен од искуството од минатото нема да дозволиме реприза на 1918 година кога останавме без држава, а не долго потоа и без своја црква. Ќе потсетам дека Црна Гора имаше своја Црногорска православна црква која била афтоќефална иако тоа денес се оспорува од различни адреси. За тоа сведочат борјни документи од тој период првенствено каталогот на Руската православна црква од 1851 година, Синтагмата на Вселенската патријаршија од 1853 година и дури и во тој период било јасно правно дефинирано дека верската заедница неможе да отуѓи имот, ниту да располага со него без претходна согласност на надлежните државни органи. Со цел надминување на овие манипулации односно запирање на тие злоупотреби на кои се изложени граѓаните на Црна Гора, но и пошироката јавност, Владата на Црна Гора иницираше дијалог со Српската православна црква односно со Црногорско-приморска митрополија. Сакам да нагласам дека овој проблем со кој денес се соочува Црна Гора не е само проблем на Црна Гора. Ние мораме актуелните политички процеси во регионт да ги согледаме од една поширока визура и ако тоа го направиме ќе видиме дека во суштина денес се работи за избор помеѓу два концепти за иднинатана Западен Балкан. Првиот концепт се заснова на постоењето на на модерни европски држави кои имаат мултиверска и мултиетничка демократија втемелени на европски вредности и ние долго за тој концепт мислевме дека тасот на вагата превагна во негова корист. Меѓутоа тој концепт денес е доведен во прашање од еден друг концепт кој се темели на идејата за постоење монолитни, национални држави, кој се темели на идејата за големодржавни проекти и со доминантно теоратски или авторитарни општествени уредувања. Црна Гора и ова прашање ќе го реши на мирен начин како штотоа го правела и досега и со сопствениот пример ќе покаже дека концептот на демократска држава, на мултиетничка и мултиверска демократија во која сите граѓани и сите верски заедници имаат еднакви права и рамноправна положба претстваува единствен одржлив концепт и единсвтен влог за сигурна и стабилна иднина.