Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, ОВР Кичево поднесе кривична пријава против З.Г.(49) од Кавадарци, генерален директор на Јавното претпријатие за стопанисување со шуми во државна сопственост„Национални шуми“ – Скопје и З.К.(61) од Кичево, раководител на Шумското стопанство „Лопушник“ – Кичево. Во пријавата, опфатени се и шумочуварите Ж.В.(59) од кичевското село Свиљиште, Ѓ.Т.(59) од Кичево и В.М од селото Другово, референт за превоз во „Лопушник“, за сторени казнено дело „несовесно работење во службата“. Со извршувањето на казнените дела, се овозможила бесправна сеча на 2.293,51 метри просторни дрвна маса сопственост на ЈП ,,Македонски шуми“ со што му предизвикале материјална штета во вкупен износ од 20.552.350 денари. На 25.06.2019 година, пријавениот генерален директор на ЈП „Национални шуми“, го овластил второпријавениот да склучи купопродажен договор за огревно дрво кои не се предвидени за сеча. Тој, свесно приложил друг записник за пресметани средства за проширена репродукција, со кој на правното лице „Коста-Комерц“- Кичево,му овозможил заради препродажба да купи дрвни сортименти во вкупна вредност од 116.230,00 денари. Второпријавениот, на останатите пријавени им наложил да вршат шумочуварска служба во други региони без претходно да формира комисија за примопредавање на шумочуварските реони. Трето и четврто пријавените, во периодот од 02.07.2019 до 14.08.2019, со пропуштање на должен надзор, несовесно постапиле во вршење на своите овластувања и должности на одговорни лица-шумочувари во ШСЕ “Љубен-Србјани“ во ЈП „Национални Шуми“ – ПШС “Лопушник“- Кичево.