Авганистанскиот претседател Ашраф Гани денеска отстапи од клучната компонента од договорот меѓу САД и талибанците, што беше потпишан вчера, изјавувајќи дека не презел никаква обврска да ослободи ниту еден од бунтовничките затвореници, јавуваат француските медиуми.
-Нема обврска за ослободување на 5.000 затвореници, рече Гани на прес конференција.
„Тоа е согласно правото и волјата на луѓето во Авганистан. Тоа може да биде вклучено во дневниот ред на внатрешноавганистанските разговори, но не може да биде претпоставка за преговори”, оцени Гани.
Претседателот на Авганистан на средбата со новинарите кажа и дека ќе продолжи делумното примирје во следните седум дена. Таканаречениот период на „намалување на насилството ” доаѓа по вчерашното потпишување на историскиот договор меѓу САД и талибанците во Доха.
Договорот определува рок од 14 месеца за повлекување на сите странски сили од земјата, под услов талибанците целосно да исполнат неколку ветувања и да почнат преговори со Кабул за сеопфатен мировен договор.
-Намалувањето на насилството ќе продолжи со цел постигнување на целосен прекин на огнот, рече Гани на прес конференцијата.
„Генералот Скот Милер им кажал на талибанците да се согласат на прекин на огнот. Се очекува тој да трае”, додаде Гани, прозивајќи го американскиот командант кој е одговорен за странските сили во Авганистан.
Но, Гани застана против клаузулата од договорот, според која, талибанците треба да ослободат 1.000 затвореници, а авганистанската Влада треба да ослободи 5.000 затвореници.
-Нема обврска за ослободување на 5.000 затвореници, рече Гани.
Тој додаде дека секое ослободување на затвореник „не е во власта на САД, туку во власта на авганистанската Влада”.
Досега талибанците одбиваа да преговараат со администрацијата на Гани, која ја сметаат за марионетски режим на САД, но договорот за повлекување на странските сили од земјата инсистира Кабул и бунтовниците да почнат да разговараат за оделни „внатрешноавганистански прашања”, преку преговори.
Позицијата на Гани за ослободувањето на затвореници покажува дека претстојат тешки преговори во земјата.