Министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас, вчера испратил допис до Високиот комесар на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел, за, и на официјален начин да побара свикување вонреден состанок на Советот на министрите за надворешни работи на ЕУ за ситуацијата во бегалското/мигрантското прашање, објави грчката новинска агенција АНА-МПА, повикувајќи се на дипломатски извори.
Според истите информации, како што јави дописничката на МИА од Атина, Дендиас денеска телефонски разговарал со неговите колеги од Хрватска, Словачка, Естонија, Кипар и Бугарија, но и со амбасадорот на САД во Атина, околу случувањата со бегалците и мигрантите.
Во петокот пак, како што објави АНА-МПА, во грчкото МНР бил повикан турскиот амбасадор.
Шефот на грчката дипломатија, вчера имаше телефонски разговор со Борел околу барањето на Атина, кое беше и официјално доставено.
Освен со Високиот комесар на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Дендиас, како што вчера објави МИА, според грчки дипломатски извори, за ситуацијата со мигрантите и бегалците, ги информирал и министрите за надворешни работи на Северна Македонија, Австрија, Бугарија, додека пак завчера разговарал со неговиот колега од Турција.