Убедлива победа на Џо Бајден меѓу демократите во Јужна Каролина

Поранешниот потпретседател на САД, Џо Бајден, убедливо победи на изборите на демократската партија во Јужна Каролина за претседателска номинација, со поддршка на афро-американските гласачи.

Според резултатите, на 96 проценти пребројани гласови, Бајден освоил 48,7 проценти, сенаторот од Вермонт, Берни Сандерс 19,9 проценти, а милијардерот Том Стајер 11,4 отсто од гласовите. По ваквите резултати, Стајер се откажа од трката. Сите останати претседателски кандидати од демократската партија имале едноцифрена поддршка.

Според излезните анкети, Бајден го поддржале 64 проценти од Афроамериканците, а Сандерс 15 проценти.

Поранешниот потпретседател добил поголема поддршка од Сандерс (кој во моментов е фаворит дека ќе ја освои номинацијата во својата партија), и меѓу другите демографски и идеолошки групи, вклучително и оние кои се идентификуваат како многу либерални, пренесе „Гласот на Америка“.

Победата на Бајден доаѓа во пресрет на изборите „Супер вторник“, кога името на милијардерот и поранешен градоначалник на Њујорк, Мајкл Блумберг, кој ги пропушти партиските избори во првите четири држави, за првпат ќе се најде на гласачките ливчиња.

Станува збор за избори во 14 држави, од демократското упориште Масачусетс, преку традиционално републиканскиот Тексас, но исто така и држави како Колорадо, Северна Каролина и Вирџинија, кои вкупно носат нешто повеќе од 1.300 делегати.

Треба да знаете
Последни објави