Никој не може да ги помине грчките граници. Сите оние што се обидуваат да влезат нелегално, ефективно се спречени да влезат. Бројките цитирани од турските власти се лажни и заблудени, пишуваат од Министерството за надворешни работи на Грција на официјалниот „Твитер” профил во однос на информациите од Турција за бројот на бегалци и мигранти кои влегле во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Од грчкото МНР велат дека „продолжува кампањата за дезинформации од турските власти” и ги објавуваат официјалните бројки за спречени обиди и уапсени лица.
-Продолжува кампањата за дезинформации од турските власти. Реалноста: Од вчера наутро до сабајлево беше спречен влез на грчка територија (по целиот Еврос) на 10.000 лица. Од нив 73 лица неповрзани со Идлиб влегоа нелегално на грчка територија, беа уапсени и соодветно ќе се гонат, објаснуваат од грчкото МНР на „Твитер”.