Резултатите на последните три лица, два завчера и едно вчера, кои беа тестирани за коронавирус се негативни, но властите сепак апелираат до граѓаните да се придржуваат до препораките доколку патувале во региони каде се е регистрирани случаи на болеста, како да се почитува одлуката за откажување на јавни собири.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера информира дека е негативен резултатот кај возачот кој го управувал комбето со кое се превезувала пациентката кај која е утврден коронавирусот, кој пак и понатаму ќе остане во домашна изолација се до 14-от ден кога завршува инкубацијата, а потоа лекарите ќе одлучат дали повторно ќе се тестира. Негативен е тестот и кај лицето кое се јавило преку виничкиот Здравствен дом и се тестирал на штипското инфективно одделение. Жената, пак, која вчера се јавила со симптоми на коронавирусот, била во регионот на Северна Италија и пристигнала во земјава на 26-ти овој месец без симптоми, со индивидуален превоз со уште еден член од семејството. Вчера утрото со симптоми се пријавила на Инфективната клиника.
Во карантин се уште се четири лица и оние девет кои патуваа со пациентката позитивна на коронавирусот, која е на Инфективната клиника. Таа е во добра општа состојба, нема температура и веќе влегува во фаза на оздравување.
Според информациите со кои располага нашиот Конзулат во Италија, меѓу македонските граѓани кои живеат во северните италијански регион нема заболени од коронавирусот и некој е во карантин. Сепак, не се знае точниот број на оние кои доаѓаат од овој регион во земјава.
Министерот Филипче упатува апел до сите што во земјава ќе се вратат од регион каде е присутна болеста да ги почитуваат советите и доколку развијат симптоми да се јават на некои од броевите во центрите за јавно здравје за да не шетаат во здравствени установи, бидејќи во инфективните одделенија има одреден протокол како се пречекуваат.
Владата во петокот издаде препораката за откажување на поголемите јавни собири, спортски настани и забавни и културно-уметнички манифестации до 6 март, нагласувајќи дека апелот важи за сите, особено за оние каде се очекува присуство на голем број граѓани и каде има или се очекуваат можни присутни гости од странство. По препораката на Владата беа откажани Струмичкиот карневал и Карневалот „Прочка” во Прилеп, а повеќето спортски настани се одржуваат без присуство на публика.
Останува во сила и препораката компаниите и институциите да не им дозволуваат на оние вработени кои периодов биле во Италија, да доаѓаат на работа бидејќи тие прво мора да минат 14 дена во домашна изолација – период колку што трае инкубацијата на вирусот, како и препораката да не се патува во земјите каде има епидемија, без некоја поголема потреба.
Граѓаните треба да ги почитуваат препораките за заштита од коронавирусот, меѓу кои и задолжително и често миење на рацете со сапун и вода и тогаш кога не се видливо нечисти или да се користи чистач за раце што содржи алкохол, а при кашлање или кивање да се заштитат устата и носот со марамче или со дланката. По употребата марамчињата да се фрлаат во затворени канти, а при кашлање или кивање, како и при грижа за болни, задолжително да се мијат рацете.
Властите смируваат дека нема простор за паника, бидејќи ситуацијата будно се следи од страна на експертите епидемиолози од Комисијата за заразни болести. Властите ги уверуваат граѓаните дека сите мерки што ги презеде Министерството за здравство, насоките на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, постојаниот мониторинг од кои произлегуваат секојдневните мерки и препораки на Кризниот штаб, на Комисијата за заразни болести, како и на Институтот за јавно здравје, ги постигнаа очекуваните резултати и дека превенцијата и контролата за да се спречи ширењето на корона вирусот, се остваруваат целосно.
Коронавирусот првпат се појави во Вухан во Кина,на 12 декември 2019 година. По брзото ширење на болеста и големиот број жртви и заразени, Светската здравствена организација на 30 јануари прогласи „меѓународна вонредна состојба”.
Болеста се пренесува преку респираторните патишта (кивање и кашлање), но и преку допир со нечисти раце. Лекувањето е симптоматски, во зависност од манифестациите на болеста. Клиничката слика варира од лесна настинка до потешка форма, во зависност од зафаќањето на белите дробови. Ризик за најлош исход има кај постари, хронично болни луѓе или лица со претходни заболувања на белите дробови. Околу 80 проценти од 80.000 заболени во светот се целосно излекувани, кај 15 отсто има некои компликации, а кај пет проценти има сериозни компликации. Смртноста е близу два процента.