Констатиравме дека границите се одлично заштитени и чувани, рече министерот за одбрана на Грција Никос Панајотопулос од Еврос, каде што заедно со политичкото и военото раководство од министерството денеска го посетија граничниот премин со Турција за да ја видат моменталната слика, јави дописничката на МИА од Атина.
Панајотопулос им честиташе на припадниците на војската, полицијата и крајбрежната служба кои „две деноноќија ја вршат нивната должност да ја заштитат неповредливоста на границата на Грција, што е и граница на Европа”.
-Границите се чуваат, би рекол, на одличен начин. Луѓето овде, силите се зајакнати, прават сѐ што е потребно за да ги заштитат границите на Грција, истакна министерот за одбрана на Грција и додаде дека доколку биде потребно ќе има и дополнително зајакнување на силите.
Во однос на бегалци и мигранти кои се собрани на грчко- турската граница, Панајотопулос рече дека претпоставува дека бројката варира, но „сигурно е дека постои организирано пренесување кон границата”.
Министерот за одбрана на Грција рече дека не стапил во контакт со неговиот турски колега.