Европа ќе мора да го сноси својот дел од товарот за мигрантите, рече турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, порачувајќи дека Турција ќе продолжи да пушта бегалци и мигранти надвор од нејзината територија.
„Откако ги отворивме вратите, имаше неколку повици за затворање на вратите“, рече Ердоган во телевизиското обраќање.
„Им реков:„ Готово е. Завршено е. Вратите се веќе отворени. Сега ќе мора да го земете својот дел од товарот“, рече Ердоган.
Турскиот претседател, исто така, нагласи дека се надева оти ќе постигне договор за прекин на огнот во Сирија, кога ќе се состане со неговиот руски колега, Владимир Путин, подоцна оваа недела.
„Ќе одам во Москва во четврток за да разговарам за настаните во Сирија со господинот Путин. Се надевам дека тој ќе ги преземе неопходните мерки таму, како што е прекинот на огнот и дека ќе најдеме решение по ова прашање“, рече Ердоган.