Утре треба да биде донесена конечната одлука дали одложениот дерби натпревар од фудбалската Серија А, Јувентус – Интер ќе се одигра на 9 март. Првичната варијанта беше овој натпревар да се игра на 13 мај.
Синоќа претставници на Серија А – лигата и на двата клуба одржаа состанок на кој ги разгледаа сите опции за одигрување на одложеното дерби.
-Помина огорченоста поради она што се случи и поради начинот на кој се дојде до оваа апсолутно ненадејна одлука. Мислам дека лутината не е само на управата и на навивачите на Интер, туку на сите навивачи на сите тимови. Погодени се десет клубови и верувам дека е нормално да има вознемиреност и горчина. Интер побара неформален собир на Советот кој се одржа синоќа за да се свика вонредна седница каде Серија А ќе понуди два-три датуми за одигрување на одложените натпревари, понуди кои ќе бидат разгледани. Потоа собранието ќе донесе одлука бидејќи важно е првенството регуларно да продолжи, вели Џузепе Марота, извршниот директор на Интер.
Веќе во јавноста протече информацијата дека решение за одигрувањето на големото дерби во Серија А е 9 март. Тоа значи дека Интер – Сасуоло и Болоња – Јувентус од наредниов викенд нема да се одиграат туку многу е веројатно дека тие да бидат закажани за 13 мај, првичниот датум кој беше одреден за дербито. Интер не сака да игра дерби на 13 мај, бидејќи тогаш има тежок распоред: Фиорентина, Џенова, Наполи па Аталанта, а тука треба да се вметне и Јувентус.
-Сакаме да се донесе одлука колку што е можно побрзо за да можат играчите и тренерите да се подготват на нормален начин. Верувам во сериозноста на сите инволвирани. Сигурен сум дека во среда ќе најдеме заеднички јазик и дефинитивмо ќе го решиме овој вонреден период во земјава. Свесни сме дека во преден план е здравјето на граѓаните, на фудбалерите и на сите останати, додаде Марота.
За Јувентус ова е прв одложен натпревар, додека Интер веќе има два заостанати меча за одигрување. Вкупно 10 натпревари од последните две кола се одложени поради превенција од ширењето на коронавирусот во Италија и за кои допрва треба да се најде слободен датум. Проблем за натпреварите на Интер и Јувентус е тоа што и двата тима се во игра во Копа Италија и во Лига Европа односно Лигата на шампионите.