Косовскиот Парламент денеска ќе одржи вонредна седница, на барање на 41 опозициски пратеници, по најавата на премиерот Албин Курти за постепеното и условно укинување на таксите за производите од Србија и БиХ. Курти минатата недела најави дека од 15 март таксите ќе бидат укинати на суровините, а доколку, како што наведе, Белград тоа го сфати како знак на добра волја за продолжување на дијалогот и бидат отстранети пречките, тогаш таксите ќе бидат целосно укинати од 1 април во траење од 90 дена. Во спротивно, нагласи Курти, ако Србија не ги испочитува косовските барања, таксите ќе бидат вратени од 15 јуни до примената на реципрочните мерки.
Опозицијата, посебно Алијансата за иднината на Косово на Рамуш Харадинај, на чија иницијатива се собрани потписите за одржување на денешната вонредна седница, е против укинувањето на таксите до постигнување конечен договор и меѓусебно признавање.
Таксите на производите од Србија и БиХ, кои се зголемени за 100 отсто, ги воведе владата на Харадинај во ноември 2018 година.