Северна Кореја денеска испали два неидентификувани проектили во морето, со што повторно почнува со тестирање на оружје кое беше прекинато на еден месец поради коронавирусот, јавија медиумите во Јужна Кореја.
Лансирањето следува два дена откако државните медиуми во Северна Кореја објавија дека Ким Џонг-ун надгледувал артилериска вежба чија цел била тестирање на борбената готовност на единицте.
Воени официјални лица во Јужна Кореја потврдиле дека биле лансирани два проектили. Сè уште нема потврда за какво оружје станува збор.
Северна Кореја сè уште не потврдила ниту еден случај на коронавирус. Земјата го запре речиси целиот прекуграничен сообраќај, забрани влез на туристи и мобилизира десетици илјади здравствени работници да го надгледуваат населението и да ги изолираат оние кои имаат симптоми.