Виктор Орбан ја носи својата кампања за целосна контрола на Унгарија на ново ниво. Унгарскиот премиер најави минатиот месец дека неговата влада ќе блокира судска одлука со која се обесштетуваат ромски жртви на училишна сегрегација во градот Гјонгјоспата, пишува „Политико“.
Орбан тврди дека Унгарците никогаш нема да прифатат да даваат пари за ништо и дека вистинските жртви се неромските ученици во градот.
Импликациите од најавата на Орбан оди подалеку од судбината на Ромите во Гјонгјоспата или во остатокот од Унгарија.
Орбановата владејачка партија Фидес, ранета од победите на опозицијата во Будимпешта и на други важни места на неодамнешните избори, сега е загрижена дека би можела да ја загуби власта. Орбан и Фидес досега се задоволуваа со играњето на картата на надворешни непријатели – ЕУ, Сорос, мигрантите – за да ја зајакнат својата контрола на сите нивоа на моќ, но сега создаваат непријатели од сопствените граѓани, а поттикнувањето антиромски расизам е можеби најлесниот метод што би можеле да го изберат.
Оваа срамна епизода ќе биде показател за тоа колку далеку ќе оди режимот за да ја задржи контролата врз Унгарија. Орбан во суштина вели дека секојпат кога жртвите на незаконски или кривични дела ќе победат на суд, владата ќе утврди дали одлуката е исправна, дали треба да има отштета и како треба да се додели таа.
Кога режимот ќе направи преседан за подјармување на судовите, секој што не им е по волја на оние на власт, ќе нема права, а тие што им се по волја, дури и ако се криминалци, ќе бидат заштитени.
Орбан најави планови и за одржување национални консултации за пресудата за отштета од судот – тактика што ја користеше и претходно за дискредитација на Џорџ Сорос. За возврат, ромските граѓански лидери организираа мирен протест на улиците на Будимпешта барајќи од владата да ги почитува правата на Ромите.
Потезите на режимот се производ на страв од губење на власта. По една деценија под Орбан, унгарските граѓани почнуваат да поставуваат прашања што владата претпочита да не ги одговара: Зошто историски голем број Унгарци ја напуштија земјата? Со што заслужиле Унгарците нагло влошување на услугите во јавното здравство? Со што заслужиле унгарските деца образовен систем, кој во последната деценија се спушти од 37. на 96. место од 138 земји рангирани од Светскиот економски форум?
И, така, режимот сега користи дел од стратегиите на крајнодесничарската унгарска партија Јобик, која се обидуваше да изгради моќ со напаѓање на Ромите.
Јобик ги креира тие стратегии пред речиси една деценија користејќи ги гневот и вознемиреноста создадени од финансиската криза и правејќи жртвени јагниња од Ромите со нивно туркање во вкоренетите стереотипи. Овие потези предизвикаа омраза кон Ромите и поттикнаа создавање униформирани паравоени сили, кои маршираа низ ромските заедници, и убиства на Роми.
Во европскиот начин на живеење нема место за омразата, а методите на Орбан се уште позастрашувачки со оглед на крајнодесничарската закана, која се крева околу него.
„Расизмот е отров“, рече германската канцеларка Ангела Меркел по последниот крајнодесничарски терористички напад во нејзината земја, во кој загинаа 10 лица во Ханау – од кои неколкумина, наводно, биле Роми. А сепак, кога станува збор за Унгарија, постапките на Меркел ги демантираат нејзините зборови. Меркел и нејзината ЦДУ, како и Европската народна партија, сè уште соработуваат со Орбан и овозможуваат ЕУ да продолжи да финансира режим што игра со истиот отров што доведе до трагедијата во Ханау.
Ова им дава на членовите на германската политичка и индустриска елита мотивација да работат со и во Унгарија – ефикасно овозможување на авторитарната кампања на омраза на Орбан.
Многу може да се стори за да се промени ова додека сè уште има средства. Првин треба да се замени политичкото лицемерство со морална јасност. И Орбан и крајнодесничарските терористи тврдат дека штитат начин на живеење – исто како и новата Европската комисија, која првпат вклучува комесар за промовирање на европскиот начин на живеење.
Европските лидери мора да појаснат дека нивната дефиниција за европски начин на живеење не е иста како онаа што ја промовираат Орбан и неговите истомисленици, како италијанскиот лидер на десницата, Матео Салвини. Политичките лидери мора да одговорат на крајнодесничарскиот тероризам со истата моќ и одлучност што ги користат против тероризмот извршен од име на исламот.
Крајнодесничарскиот тероризам тројно се зголеми во последните пет години. Дебатите за политиката на ЕУ мора да ја вклучат расистичката политика која поттикнува терор. Освен тоа, ЕПП мора да ја исклучи Фидес од семејството, а ЕУ треба да престане да ја финансира корумпираната и расистичка машина на Фидес. Ако не се преземат вакви активности, зборовите нема да имаат никакво значење кога ќе се случат следните убиства.